Се подготвува ли терен за враќање на Груевски? „Експремиерот е маргинална фигура, само ќе се валка по македонската политичка сцена“

од Nikola Popovski
538 прегледи

Иако експремиерот Никола Груевски избега пред речиси пет години од земјава, неговото име се уште на големо се спомнува на македонската политичка сцена. И додека тој го ужива целиот комфорт во странска земја, а притоа овде се водат неколку судски процеси против него и е осуден на повеќегодишна затворска казна, македонските политичари повторно го актуелизираат неговото евентуално враќање во Македонија. Последниот во низата кој го коментираше поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ е министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Тој викендов порача дека најдобро е Груевски да се врати во земјава, бидејќи, како што рече станува збор за човек кој знае се за земјава, а е во рацете на друга држава. Оттука се поставува прашањето дали поранешниот претседател на Влада и азилант е битен околу безбедносниот аспект на земјата или едноставно само се подготвува „терен“ во пресрет на најавуваните уставни измени, кои се важни за државата во евроинтегративниот пат?

Професорот на Правниот факултет при Тетовскиот Универзитет, Башким Селмани во разговор за „Локално“ вели дека очигледно политичкиот систем секогаш се меша во правниот систем.

Башким Селмани

-Правните одговорности се морални. Не може еден човек да се врати во државата кој избегал без ниту еден даден одговор. Тој замина без да каже реченица кои се причините. Не може државата да остане во немилост. Доколку од власта имаат влијание во други аспекти, тогаш е друго размислување кое не го знаеме. Од правен, политички и морален аспект, не може ова да се објаснува со ниту еден аргумент, порачува Селмани.

Според него, сите правни и политички аспекти од Владата се искористени и реално гледаат дека силата на Груевски уште е жива и актуелна. Заради тоа, како што вели, експремиерот може да има влијание во јавниот аспект.

-Сите други веруваат дека тој има влијание кај пратениците за „дил“ за уставните измени. Доколку тој може да помогне, сите правни патишта се обезбедени, ако тој се врати, тоа ќе биде условно. Оваа спогодоба не е во доменот на шест месеци, туку може да трае 2-3 години и сите кривични дела да се минимизираат. Ако се зборува дека украдени милиони евра, не може да се обвинува само за украдениот мерцедес. Возилото не го земал со себе. Граѓаните веруваат дека силата на Груевски е поголема од актуелните политичари во ВМРО-ДПМНЕ, објаснува Селмани.

Околу тоа дали Груевски се уште влијание за да „помогне“ во спроведување на уставните измени и дали се размислува во таа насока од властите, соговорникот оценува дека ако одиме во однос на сите партии и било која власт да дојде, од независноста до денес, сите имаат таен договор и сакаат само да ги унапредат интересите на групациите.

-Докажано е дека јавниот долг доколку ги надмине границите, може целиот систем да банкротира, при што никој не се занимава со тој проблем. Тоа е реален проблем, не политиката. Има соработка меѓу партиите на вакви полиња. Интересите се штитат, смета професор Селмани.

Од друга страна, новинарот Зоран Иванов смета дека темата веќе станува тема за зезање со јавноста, односно како што вели, фина политичка циркузијада. Во разговор за „Локално“, Иванов истакнува дека и да се врати Груевски, тој веќе е маргинална фигура во политиката.

Зоран Иванов

-Доколку од таму или од овде сеедно, се активира во политиката, по општинските партиски комитети секако дека ќе има некаква млака поддршка, но ако тоа се случи, само ќе остане да се валка по македонската политичка сцена идентично како што тоа се случува со некои поранешни партиски лидери кои со одреден квантум изборни гласови се уште обезбедуваат некакво коалициски живуркање во македонската политика, дециден е новинарот.

Околу тоа дали може да очекуваме некакво „простување на гревовите“ за поранешниот премиер, доколку ВМРО-ДПМНЕ направи Влада на следните избори, соговорникот посочува дека сета актуелна партиска реторика се сведува на блефови.

Во овие три декади македонско политичко малтретирање и корумпирање партиските актери толку се извештија што прво ги штелуваат законите, се самоамнестираат така што дури и да функционираат судските власти, обвинителствата, пред се, не можат крајот да им го фатат на тендер мајсторите, се е „законски“ покриено. Впрочем, ајде ДПМНЕ нека поднесе нешто до обвинителството наместо што секојдневно толку силно крешти за криминали зашто дури и тоа да е под контрола на власта, пријавите за криминал не застаруваат, а наместо тоа, се почнува и завршува на пресови и на наменски изјави во предизборни цели, укажува Иванов.

Новинарот не смета дека Груевски има влијание за да убеди пратеници од опозицијата да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот.

-Прво Изет Меџити сега е опозиција и некако е природно се` да става под сомнеж, секако без докази, онака опозициски. Но измените во КЗ се донесоа со амин на опозицијата. Не гласаа, но ниту пак со прст не мрднаа да стопираат како што знаат за се друго, да блокираат со илјадници амандмани, на пример. Ништо од тоа. Се` така лесно си мина договорено гласно или премолчено, сеедно, онака како „сложни попови во петок“ па сето натаму е само глумење.

Ако нема Калето моќ тогаш нема никој. Но доколку пак Груевски го разврзе јазикот како што почна па се повлече зашто знае дека и неговите поранешни партиски соработници имаат јазик, ако почнат меѓусебно да си се обвинувања за криминали во „нивното време“, ако почнат да си се цинкарат и да си ги пребројуваат еврата, тогаш и тоа би можело да биде можно. Но, не знам, не верувам, змијата не си ги покажува нозете, нели?, објаснува Иванов.

Н.П.

Слични содржини