Меѓународната скијачка федерација (FIS) воведува нови правила во скијачките скокови кои ќе важат од сезоната 2025/2026. Главна промена е воведувањето на жолти и црвени картони, со цел да се зајакне дисциплината и да се спречат неправилности, особено по контроверзии од неодамнешното Светско првенство во Норвешка.
Причината за ова е што норвешките скијачи беа обвинети за користење на одела што не биле во согласност со правилата, што предизвика голема полемика. За да се спречат слични случаи, FIS ќе врши построги контроли на опремата и ќе воведе нов систем за казнување.
Во новиот систем, жолтиот картон ќе значи дека скијачот веднаш е дисквалификуван од тековниот натпревар. Ако истиот скијач заработи втор жолт картон во текот на сезоната, тогаш ќе добие црвен картон, што значи суспензија и ќе мора да пропушти следниот викенд со најмалку два натпревари од Светското првенство.
Покрај тоа, правилата се заоструваат и за тимските натпревари. Ако еден член од тимот направи прекршок, сега целата екипа ќе биде дисквалификувана од тимското натпреварување, за разлика од досегашната пракса кога се поништуваше само резултатот на тој скок.
Овие новини се дел од напорите на FIS да обезбеди поголема транспарентност и фер игра во спортот, кој досега често беше критикуван за недоволно јасни правила и субјективни одлуки. Експертите го поздравуваат воведувањето на новите мерки и очекуваат дека тие ќе ја подобрат регуларноста на натпреварите. Со овие промени, новата сезона на скијачки скокови може да значи почеток на нов период, каде што јасните правила и строгите казни ќе бидат гаранција за чесна и фер конкуренција.