Официјалните податоци покажуваат дека во јуни годинава 83.385 лица првпат поднеле барање за азил во една од земјите на ЕУ. Ова е зголемување за 25 отсто во однос на истиот месец лани кога азил побарале 66.845 лица.
Покрај нив, 5.795 лица кои претходно биле одбиени повторно поднеле барање за азил, а има 9% помалку „повратници“ во однос на лани.
Германија е најинтересна за бегалците и мигрантите, а во таа земја се поднесени дури 23.190 барања за азил. Покрај во Германија, најмногу барања за азил пристигнале и во Шпанија (16.075), Франција (12.475) и Италија (10.730), а во тие четири земји биле поднесени три четвртини од сите барања за азил во ЕУ.
Најмногу луѓе кои бараат азил во ЕУ се уште се од Сирија (13.150), потоа од Авганистан (7.775), Венецуела (6.925) и Колумбија (6.165).
Бројот на барања за азил поднесени од Украинците кои бегаат од војната е во нагло опаѓање, а во јуни беа поднесени само 1.065.
За споредба, во февруари лани таа бројка беше 2.100, а во март достигна 12.185. На овој пад не влијаеше само намалениот број бегалци кои доаѓаат во ЕУ, туку и фактот што голем дел од нив веќе уживаат привремена заштита во ЕУ.