Руските државни медиуми ја претставија првата регистрирана вакцина во светот против коронавирус во август годинава, што требаше да и помогне на Русија во борбата против пандемијата.
Претседателот Владимир Путин, кој инаку е крајно таинствен кон членовите на неговото семејство, рече дека една од неговите ќерки веќе ја примила вакцината и се чувствува добро.
Но, вакцината Спутник V сè уште не е достапна за пошироката руска јавност за време на вториот бран на пандемијата, кога земјата е погодена од рекорден број новозаразени. Досега во Русија се пријавени над 1,5 милиони случаи на Ковид-19 и најмалку 26.200 смртни случаи, пренесува Си-Ен-Ен.
„Оние кои ја примиле вакцината не можат да знаат дали ќе ги заштити“
Русија ја одобри вакцината откако ја тестираше на десетици луѓе пред клучната трета фаза на клинички испитувања.
Александар Гинсбург, шеф на Институтот „Гамалеј“ каде се развива вакцината, за Си-Ен-Ен минатата недела изјави дека 17.000 луѓе учествувале во третата фаза на клинички испитувања, но исто така призна дека досега само 6.000 ги примиле двете дози потребни за да се направи вакцината ефективна.
Шефот на институтот истакна дека вакцината Спутник V е индицирана за лица на возраст од 18 до 60 години, бидејќи не се спроведени обемни испитувања кај други возрасни групи, но смета дека може да се поднесе од оние над 60 години.
Меѓународни експерти од областа на вирусологијата изразија сомнеж во тврдењата на руските власти за безбедноста на вакцината.
„Оние кои ја примиле оваа вакцина не можат да знаат дали ќе ги заштити или ќе развијат тешки симптоми на болеста по изложувањето на коронавирусот“, рече вирусологот Константин Чумаков од Глобалната мрежа за вируси за Си-Ен-Ен.
„За да знаете како функционира вакцината, треба да имунизирате голем број субјекти, да почекате да се заразат и да видат дали ќе развијат посериозни симптоми. Нема ништо што може да ги замени клиничките испитувања“, додаде тој.
„Руската вакцина веројатно доцни два до три месеци за другите“
За споредба, BioNTech и Pfizer, кои работат заедно на вакцината, велат дека ја тестирале вакцината на 42.113 учесници од потенцијални 44.000 за време на клиничките студии во Фаза 3 до 26 октомври, а 35.771 ја примиле втората доза.
Moderna, првата компанија што ја започна третата фаза на клинички испитувања на потенцијална вакцина против Ковид-19, во четвртокот изјави дека 25.650 од пријавените 30.000 испитаници ја примиле втората доза.
„Руската вакцина веројатно заостанува два до три месеци од другите“, рече Чумаков.
„Moderna и Pfizer во основа завршија со запишување на пациенти и сега се во фаза на набљудување, гледајќи ја инциденцата на болеста кај имунизирани лица и кај оние кои примале плацебо“, додаде тој.
Институтот „Гамалеј“ рече дека е можен брз развој и одобрување на „Спутник V“, бидејќи се заснова на нивните претходни две вакцини, онаа против ебола и МЕРС. Сепак, Чумаков забележува дека ниту една од овие вакцини не е целосно одобрена од меѓународните тела и дека не е доволно тестирана.
„Тој институт разви неколку прототипови на вакцини, кои не би ги нарекол вистински вакцини. Не мислам дека „Гамалеј“ има развиено вакцина во последните 30 години. Тие се многу добри во развивање на прототипови, но не верувам дека имаат искуство со маркетинг на производи“, рече Чумаков.
Проблеми со производството
Кирил Дмитриев, шеф на рускиот фонд за директни инвестиции, во јули рече дека организацијата планира да произведе повеќе од 30 милиони дози до крајот на 2020 година. Но, рускиот министер за трговија и индустрија Денис Мантуров на почетокот на овој месец изјави дека овие бројки се невозможни.
„Невозможно е да се произведат 30 милиони дози до крајот на годината, тоа е глупост“, рече Мантуров во интервју за ТВ Блумберг.
Руското Министерство за трговија и индустрија не му го соопшти на Си-Ен-Ен точниот број на произведени дози досега, но соопшти дека има намера да го зголеми производството на 300.000 дози до крајот на октомври и 2,3 милиони до крајот на годината.
Гинсбург за Си-Ен-Ен изјави дека Русија може да произведе околу 5 милиони дози месечно до декември, што ќе биде доволно за да се вакцинираат 70% од руското население во следната година. Но, ако Русија остане на 5 милиони дози месечно, земјата ќе може да произведе само 60 милиони дози за тоа време – што значи дека околу 30 милиони луѓе би можеле да се вакцинираат со обете дози, потребни за ефективна вакцина. Повеќе од 146 милиони луѓе живеат во Русија.
Најмалку 10 региони примија само околу 40 дози вакцина
Руското Министерство за здравство кон крајот на септември соопшти дека сите руски региони добиле пилот дози на Спутник. Но, најмалку 10 региони објавија дека првото снабдување е релативно мало, помеѓу 42 и 44 дози.
Властите во автономниот округ Јамал, кои примиле 42 дози вакцина, соопштија дека нивната испорака е искомплицирана од „посебните температурни услови за време на транспортот и складирањето“.
Имено, повеќето вакцини против коронавирус треба да се чуваат на многу ниски температури. Вакцината Pfizer треба да се чува на -70 ° C, вакцината Moderna на -20 ° C и Sputnik V на -18 ° C.
„Постои голема разлика помеѓу експериментален примерок што може да се подготви во лабораторија и да се стави на масовен пазар. Мислам дека е премногу оптимистички да се каже: „За две недели синтетизиравме вакцина и тука сме – имаме вакцина“. Тие имаат прототип. Додека не биде тестиран, тој сè уште останува прототип“, рече Чумаков.
ПР-шоу
Она што на Спутник V му недостасува во однос на тестирањето, властите го компензираа со ПР, пишува Си-Ен-Ен.
Иако вакцината беше само во раната 3-та фаза на клиничко тестирање, високи руски официјални лица енергично објавуваа снимки од кои примаат вакцина. Така, државната телевизија покажа клипови на кои се гледа вакцинацијата на министерот за одбрана Сергеј Шојгу, а Путин на почетокот на октомври објави дека десетици членови на неговото пошироко семејство и членови на персоналот биле вакцинирани.
Путин не прецизираше која од неговите ќерки ја примила вакцината затоа што ретко ги именува во јавноста. Алексеј Венедиктов, главен уредник на радиото „Ехо на Москва“, рече дека најмладата ќерка на Путин е најверојатно вакцинирана.
Руски официјални лица и државни медиуми често ја промовираат Спутник V како супериорен во однос на другите, западни вакцини. РДИФ постојано изјавуваше дека нејзината вакцина е „заснована на човечки аденовирус и се покажа дека процесот е безбеден и ефикасен“ за разлика од вакцините засновани на mRNA и аденовирус на шимпанзата, како што е британската вакцина AstraZeneca.
„Коцкање“
Путин минатата недела им рече на лидерите на РСПП или на Руската асоцијација на индустријалци и претприемачи, најголемото деловно лоби во Русија дека Спутник V е „добар деловен потег и дека хуманитарната компонента е јасна“, додавајќи дека РСПП може да заработи 100 милијарди долари.
РДИФ објави дека склучил договори со неколку земји, вклучувајќи ги Индија, Бразил и Египет и се согласил да снабди милиони дози Спутник V. Но, фондот може да наиде на проблеми во лиценцирањето на вакцините заради различните стандарди ширум светот.
„Не мислам дека такво нешто може да се случи во САД, во Европа, во земји што навистина се држат до меѓународните правила за развој на производи, тестирање и лиценцирање. Дефинитивно е коцкање“, рече Чумаков.
Руските власти соопштија дека планираат да започнат масовни вакцинации против Ковид-19 во текот на следните месеци, иако државните анкети покажуваат дека повеќето Руси не сакаат да ја примат вакцината. Меѓу нив е и самиот претседател на Русија, кој преку портпарол за Си-Ен-Ен изјави дека сè уште размислува да ја добие првата доза.