Во едно од досега необјавените интервјуа, неодамна починатиот руски опозиционер Алексеј Навални нападнал корумпирани функционери кои живеат во Лондон и, како што сметал, му помагаат на режимот на Владимир Путин да ги скрие валканите пари.
Тоа интервју од февруари 2020 година го добил „Скај њуз“, а покрај нападите врз политичарите и влијателните луѓе од Западот, рускиот опозициски лидер зборувал и за надежта за подобра иднина на Русија, како и за ризиците кои знаел дека ги презема.
Од она што го кажал и како размислувал, се гледало дека верува во европската иднина на Русија, поради што не одбирал зборови за оние кои во таа иста Европа го поддржуваа режимот на Путин.
„Русија е европска земја, сите луѓе што живеат тука сакаат да живеат како Европа. Но, Западот навистина не прави ништо, би рекол. Танцуваат некои ‘ритуални танци’ за да остават впечаток дека нешто се прави, но всушност ништо не се случува“, навел Навални, мислејќи на влијателните Руси кои живеат во Лондон.
„Зошто овие корумпирани службеници сè уште живеат во Лондон? Затоа што хранат огромен број прекрасни лондонски адвокати. Овие луѓе ќе изгледаат многу цивилизирано, со задоволство ќе разговарате со нив ако седнат до вас, ќе носат вратоврска и ќе имаат добри манири, но во исто време им служат на интересите на целосни, апсолутни бандити“.
Со зборови кои посилно одекнуваат по неговата смрт, тој изразил и надеж за подобро утре:
„Се надевам дека за 10 години, ако повторно ме интервјуирате, ќе можеме да кажеме како успеавме да ја надминеме корупцијата и перењето пари“.
Интервјуто е снимено како дел од неемитуваната документарна серија „По падот“, во режија на Метју Торн и продуцирана од Ендрју Данкан. Исто така, тоа било едно од последните кои ги дал Навални пред здравствените проблеми. Во август 2020 година, тој беше отруен додека се враќаше во Моксва.