Сè помалку гласачи поради понудените опции: „Еден милион апстиненти не се мрзливи граѓани, туку разочарани – тоа е политичка дијагноза“

Кога секој десетти гласач одлучува да не избере никого, тоа е системски проблем - Аналитичари за „Локално“: „Народот се уште не гледа опција која според нив вреди да биде поддржана и има реална шанса за успех“

од Nikola Popovski
72 прегледи Фото: Фејсбук/Креатива Локално

43 општини добија градоначалник во првиот круг на локалните избори. Втор круг ќе има во 33. Најмногу градоначалнички места освои ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата-33. СДСМ победи во 3, ВЛЕН во 4 локални самоуправи, а Националната алијанса за интеграција во 3. Државната изборна комисија ги објави првичните официјални резултати. Втор круг во Град Скопје. Во трка Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу советнички места.

Поради неисполнетиот цензус на излезност од најмалку една третина од запишаните гласачи, прегласување ќе има во 4 општини. Иако во Гостивар кандидатот на Националната алијанса за интеграција освои над 60 насто од гласовите, излезноста беше околу 30 проценти.

Во неделата на гласање излегоа 46,63 проценти, односно 854.620 избирачи со право на глас. Досега ова е најмала излезност на локални избори од осамостојувањето.

Еден милион гласачи не учествуваа на изборите, дали партиите повторно не ја разбраа пораката на граѓаните?

Дел од јавноста смета дека партиите веројатно добро ја разбираат пораката, меѓутоа големите партии немаат интерес од голема излезност. Според политичкиот аналитичар, Александар Илиев, не треба да се заборави дека по дефиниција целта на партиите е да ја освојат власта, а партии со големо членство немаат интерес од голема излезност на партиски неопределени гласачи.

-Истражувања во демократските земји покажуваат дека обично после избори вербата во демократскиот процес ја губат гласачи чија политичка опција не победила или гласачи кои би поддржале партија која нема реални шанси да биде победник. Затоа, мала излезност одговара на големите партии и партиите кои се на власт. Од друга страна опозиционите и помалите партии не покажаа способност за реформа и иновативност за да доживеат значаен раст на овие избори. Исклучок во одредени општии е Левица која во општини како Велес и Град Скопје доживеа успех и доби поголема поддршка дури и од СДСМ. Меѓутоа Левица има идеолошки поглед и геополитичка насоченост која не дозволува нејзино коалицирање со про-западни партии. Оваа расцепканост во опозицијата и немање харизматичен лидер кој би ја обединил повеќето опозициски партии ги обесхрабрува гласачите кои се опозициски расположени. Оттука оваа порака е поважно да биде сфатена од опозицијата, а не од власта, вели Илиев во разговор за „Локално“.

Александар Илиев/Фото: Принтскрин

Истакнува дека падот во апсолутниот број освоени гласови кај ВМРО ДПМНЕ и СДСМ е очигледен и тие во одредена мерка оправдано го игнорираат или оправдуваат. За тоа има два основни фактори, од кои едниот е помалата излезност, а вториот е зголемениот број на неважечки како и учество на други политички субјекти на локалните избори.

-Во 2025 година изленоста на ниво на држава е 46,48% додека во 2021 била 49,23%, додека во 2024 година на парламентарните избори имало излезност над 55%. Следствено имаме 9% помала излезност на локланите избори, во однос на изборите во 2024 година. Дополнителниот пад во апсолутниот број освоени гласови може да се објасни со фактот дека на локалните избори има и повеќе независни листи кои не настапуваат на парламентарни избори. Од двата фактори намалената излезност е индикатор дека постои незадоволство кај граѓаните, но тие се уште не гледаат опција која според нив вреди да биде поддржана и има реална шанса за успех, тврди соговорникот.

Во однос на „историските“ 53.000 неважечки ливчиња, аналитичарот посочува дека тоа покажува две работи – едната е немање квалитетна политичка понуда или политичари за кои овие 53.000 граѓани би гласале.

-Другата работа која ја покажуваат е дека е можен притисок од политичките партии кон граѓани кои ги сметаат за свои симпатизери да излезат да гласаат, а во реалноста овие гласачи се револтирани и не ги поддржуваат, смета Илиев.

По подолго време во Скопје се појави која не е поврзана со двете најголеми македонски партии. За изборот на скопјани, аналитичарот објаснува дека поверојатно е како нема да победи новата опција поради неколку причини.

-Клучни се два фактори зошто граѓаните гласаат за одредена партија. Првата причина е перцепција дека со таа партија како победник би живееле подобро, а втората е перцепцијата дека таа партија е најверојатен победник. Скопјани веќе имаа искуство со градоначалник кој нема мнозинство во советот и кој е во конфликт со централната власт. Затоа е малку веројатно дека мнозинството веруваат дека ќе им биде подобро со градоначалник од Левица. Дополнително според првиот круг на изборите во Скопје води ВМРО ДПМНЕ, а оваа партија е победник на локалните избори. Затоа поверојатно е дека и во двата клучни фактори кои влијаат како ќе гласаат гласачите предност има кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, т.е. повеќе граѓани веруваат дека ќе живеат подобро доколку победи кандидат со мнозинство во советот и поддржан од централната власт, а постои и перцепција кај мнозинството дека веројатен победник е партијата ВМРО ДПМНЕ, заклучува Илиев.

И аналитичарот и новинар, Дритон Зенку со свој став дека очигледно е дека и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обидуваат да го ублажат впечатокот од големиот пад во поддршката. Смета дека наместо да признаат дека повеќе од половина од гласачите им го свртија грбот, двете партии повторно ја играат истата игра – триумфализам и спин.

-Реалноста е дека недовербата во целиот систем е рекордно висока, а тоа не се решава со пароли и „победи“ на хартија, вели Зенку за „Локално“ и додава дека еден милион апстиненти не се мрзливи граѓани, туку разочарани.

Дритон Зенку

-Тоа е политичка дијагноза – знак дека голем дел од јавноста не гледа смисла да избира меѓу две партии кои со години ја менуваат власта, но не и состојбата. Ако партиите и по ова не ја разберат пораката, тогаш заслужуваат уште поголем удар следниот пат, тврди аналитичарот.

Што се однесува до „историските“ 53.000 неважечки ливчиња – тоа е аларм, а не статистика.

-Тоа е најгласниот тивок протест. Дел се намерно поништени како порака „немам за кого“, а дел се резултат на хаотичен изборен процес и недоверба дури и во гласачките ливчиња. Кога секој десетти гласач одлучува да не избере никого, тоа е системски проблем, не технички, истакнува Зенку.

Во Скопје се остави простор за трета опција, нешто надвор од класичната црвено-сина матрица.

-Прашањето е дали скопјани конечно ќе гласаат по разум, а не по навика. Ако повторно се водат од личен интерес, клиентелизам или страв „да не победат оние другите“, ништо нема да се смени. Но, ако се решат да гласаат за идеи и интегритет, ова може да биде почеток на крајот на двопартискиот монопол. Накратко: граѓаните ја пратија пораката. Прашањето е дали политичарите конечно ќе ја прочитаат, оценува Зенку.

Н.П.