Сè помалку новозаразени во Европа, но се зголемува бројот на смртни случаи

од Vladimir Zorba
169 прегледи

Во Европа, бројот на нови случаи на инфекција со коронавирус се намали минатата недела за прв пат по повеќе од три месеци, но бројот на смртни случаи расте, покажуваат податоците објавени денес од Светската здравствена организација (СЗО).

Со 1,84 милиони нови случаи минатата недела, притисокот е сè уште голем во Европа, но СЗО посочува дека минатата недела, за прв пат во повеќе од три месеци, во Европа имало неделен пад на бројот на заразени за 10 проценти.

Сепак, на европскиот континент во тој период се регистрирани повеќе од 29.000 нови смртни случаи, што е зголемување за 18 проценти во однос на претходната недела.

Скоро четири милиони новозаразени со коронавирус се регистрирани во светот минатата недела, додека скоро 60.000 луѓе починале, објави СЗО.

Европа, која во вторникот ја надмина границата од 15 милиони, останува најтешко погодена од пандемијата во светот.

Минатата недела во Европа имало 46 проценти од сите нови случаи на инфекција во светот и 49 проценти од смртните случаи, според неделниот ажуриран извештај на СЗО.

Американскиот континент, вториот најтешко погоден регион, забележа 40% зголемување на бројот на заразени, со повеќе од 1,45 милиони потврдени нови случаи. Повеќе од 19.100 луѓе починаа минатата недела од коронавирус на континентот.

Југоисточна Азија е единствениот регион со пад на бројот на новозаразени и смртни случаи минатата недела.

Повеќе од 1,3 милиони луѓе починаа, а над 55 милиони беа заразени од појавата на вирусот во Кина на крајот на минатата година, според пресметката на агенцијата Франс прес, направена врз основа на официјални извори.