Расте бројот на Македонци кои бараат азил во земјите од Европската Унија. Само во текот на јуни, политички или економски азил во ЕУ побарале 1.165 македонски државјани. Според податоците на Еуростат, во последните пет квартали се бележи постојан пораст на барателите на азил од земјава. Ако оваа бројка во април, мај и јуни минатата година изнесувала 1.195 лица, само една година подоцна е повеќе од двојно повисока односно за само три месеци азил побарале вкупно 2.640 Македонци. Загрижувачките податоци на европскта статистика покажуваат дека ова претставува раст од 22 отсто во споредба со првите три месеци од оваа година, односно зголемување од 121 отсто во споредба со истиот период лани. Околу 85 отсто од Македонците бараат азил во Германија, а потоа следуваат Австрија и Шведска, пренесува Телма.
Со овие бројки, Македонија е на 16-то место на листата земји од кои доаѓаат најмногу барања за азил во Европската Унија. Листата ја предводат Сирија, Авганистан и Албанија, од каде потекнуваат 42 отсто од барателите на азил.
Бегалската криза што ја погоди Европа, драматично ја зголеми бројката на азиланти. Во второто тромесечје од 2015, азил во ЕУ побарале вкупно 213.200 лица, од кои дури 80.000 односно 38 отсто бараат заштита од Германија.
Најпосакувани дестинации за азил, после Германија, се Унгарија, Австрија, Италија, Франција и Шведска, а најнепосакувани се Хрватска и Словачка. Интересен е податокот дека најмногу барања за азил во однос на бројот на жители добива Унгарија, која води рестриктивна политика кон иселениците.