Проблемите со повредите на Баерн (Минхен) продолжуваат со полна сила. Денеска Баварците објавија дека новото зимско засилување, Саша Бои, за кого на Галатасарај му беше платено близу 30 милиони евра, заработи повреда и ќе биде надвор од терените за претстојните важни натпревари на тимот.
„Баерн ќе биде без Саша Бои во следните неколку недели. Новото зимско засилување се здоби со сериозно скинато мускулно влакно на левата бутина. Ова е резултатот од прегледот кој го направи медицинскиот оддел на Баерн“, соопштија официјално Баварците.
Ова е уште еден играч во тимот со повреда, а моментално повредени во составот на Баварците се Алфонсо Дејвис, Кингсли Коман, Серж Гнабри, Конрад Лајмер, Даниел Перец и Буна Сар.
Саша Бои беше внесен во тимот токму со надеж дека ќе го засили десното крило на одбраната. Со повредата единствен здрав играч на оваа позиција останува Нусаир Мазрауи.