Се предаде Гоце Трајковски – сведокот за убиствата на Вања и Панче

од Nikola Popovski
481 прегледи

Гоце Трајковски, еден од клучните сведоци во судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кој беше во бегство и осомничен за палење кафуле, денеска сам се предал во полициска станица Кисела Вода, каде уште е на распит, потврдија од МВР. По него беше распишана потерница.

Тој на 15 ноември требаше да сведочи за неговата улога во потрагата по Вања, но не се појави во судницата поради панични напади. Трајковски, еден од клучните сведоци, заедно со таткото собирал видеоснимки, преземал активности за пронаоѓање на детето.  Подоцна се дозна од Обвинителството на брифинг, дека тој има и својство на осомничен за подметнување на пожар, бидејќи според податоците оттаму, на 13 ноември со уште три лица, запалиле кафуле кое било лоцирано во зграда во Кисела Вода.

Претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев, одби да го промени судијата Ивица Стефановски од Судечкиот совет во предметот за убиствата. Ова го бараше првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, а одлуката ја добил на ден пред новата година.

Обвинетиот Палевски на претходното рочиште, на 20 декември, побара да се изземе претседателот на Судечкиот совет Ивица Стефановски, затоа што, како што рече, тој бил необјективен, пристрасен и не му дозволил правична одбрана, како и дека не го барал оружјето со кое се извршени убиствата кај другите обвинети.

На едно од минатите рочишта беа изведувани и видео-записи. На првите неколку видеа, презентирани од Обвинителството, се гледа како обвинетиот Влатко Кешишев наплаќа и полни балон со бензин на бензинска станица Макпетрол кај Транспорниот центар Скопје во близина на партијата Десна околу 5 часот наутро на 27 ноември 2023 година. Во судницата беа презентирани и неколку видеа од безбедносни камери од возилото Рено Кангу, како се движи во Центар, од седиштето на партијата Десна, кон Аеродром и во правец кон Гази Баба, околу 5 часот и 33 минути на 27 ноември 2023 година.

На изминатите рочишта сведочеа најблиските од семејството на Вања и на Панче, и полициски службеници, вклучени во истрагата. Еден од сведоците, Гоце Трајковски е во бегство, откако полицијата го сомничи за подметнување пожар во кафуле во Кисела Вода. Неколку пати не се појави на судските рочишта, иако неговата мајка го оправдала отсуството поради здравствени проблеми.

На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.

За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски како првообвинет, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Сите обвинети се изјаснија дека се невини.

Слични содржини