Министерството за здравство објави денеска дека почнале преговорите со производителот на „Молнупиравир“, околу набавката на лекот.
-Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто, посочија од Министерството, во изјава за МИА.
Велика Британија е првата земја во светот која ја одобри употребата на антивирусни пилули кои би можеле да помогнат во борбата против коронавирусот. Ова е првиот некогаш одобрен орален антивирусен лек против Ковид-19, кој наскоро може да биде одобрен во САД.
Податоците од истражувањето сугерираат дека молнупиравир може да ги „преполови“ шансите за смрт од корона кај најзагрозените пациенти, кога третманот се започнува додека болеста е сè уште во зачеток.
Лекот го произведува компанијата „Мерк“, која најави дека се надева дека ќе произведе десет милиони дози од лекот до крајот на годината, а уште 20 милиони во текот на 2022 година.