Се проширува истрагата во „Адитив“- осомничени осум нови лица, а тројца претходно осомничени се товарат и за перење пари

од Nikola Popovski
25 прегледи

Од досега спроведената истражна постапка за предметот познат во јавноста како „Адитив“, во насока на проширување на постапката, под раководство на предметните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кои постапуваат во предметот, денеска се приведени осум лица од Битола, Кичево и Велес и извршен е претрес на една локација во Велес.

Како резултат на обезбедениот доказен материјал, донесена е уште една Наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомнение дека три лица опфатени со претходната истрага сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. За истото дело се осомничени и уште пет други лица од кои на првоосомничената се товари и за кривично дело Злосторничко здружување. На три лица опфатени со истражната постапка им се става на товар дека ја злоупотребиле службената положба и овластување. Воедно, во предметот покрај досегашните четири кривично одговорни правни лица опфатено е уште едно правно лице чиј сопственик и управител е првоосомничената.

Ценејќи дека се исполнети условите, обвинителството до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе предложи мерка притвор против првоосомничената и мерки на претпазливост за останатите осум осомничени, додека за тројцата осомничени за кои веќе се води истражна постапка остануваат претходно изречените мерки за обезбедување на присуство.

Во меѓувреме дополнително на предлог на обвинителството доплнително се замрзнати 22.399.953, 00 денари и едно патничко моторно возило во вредност од 4.735.000,00 денари.​

Додека Обвинителството го оформува предметот за 23 осомничени во случајот „Адитив“ во кои се вмешани видни членови на СДСМ, екс-директорите на ЕСМ Васко Ковачевски и Васко Стефанов, од партијата на „Бихаќка“ повикуваа да се почитува презумцијата на невиност. Инсистираат на објективна постапка и доколку постои вина истата да се санкционира.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ не се дистанцира од милионскиот криминал во РЕК Битола на Ковачевски, кој донел поскапа струја за граѓаните.

Преку тендери за набавка на адитиви, плаќани по три пати повисока цена, осомничените го оштетиле буџетот за 6,5 милиони евра. Осуммина се веќе во притвор, еден е во домашен притвор, а на останатите им се одземени пасошите.

Ковачевски веќе неколку месеци е надвор од земјата. За него Обвинителството, пред „Адитив“, отворило предмет и за барање поткуп додека бил директор на РЕК Битола.

Од вкупно 23-ца осомничени, девет лица добија мерка притвор меѓу кои се Стефанов, поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и поранешниот директор на РЕК Битола, Пеце Матевски. Други мерки за претпазливост, како одземање пасош или обврска да се јавуваат во суд, се изречени за 13 лица.

Слични содржини