Истрагата за државната „Лотарија“ се проширува. Злоупотребите поголеми отколку што првично биле утврдени, вели премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најавија дека екс-вицепремиерот Артан Груби кој се бара со меѓународна потерница, властите ќе го вратат во земјава.
Според Мицкоски, истрагата ќе покаже за колкава разлика станува повеќе. Станува збор за поголема сума од првичната проценка.
Тошковски во синоќешното интервју за „ТВ Алсат“ рече дека со проневерените пари од АД „Државна лотарија“, како што рече, се купувале скапи имоти во земјата и во странство. Потврди дека има информации дека имотот во и надвор од Македонија наводно бил купен со приноси од криминал.
Додека власта се обидува да го обезбеди пред судот на правдата, опозицијата критикува и бара владата да ги тргне рацете од правосудството.
-Тоа што Артан Груби ја напушти државата на начин на кој што ја напушти и имаше контроверзни соопштенија од страна на власт, ни дава за право да мислиме дека тоа е договорено. Знаеме дека камерите не работат на батерии. Тоа граѓаните го слушаат и го знаат. Ние повеќе пати укажувавме дека има проблем со тоа како функционира границата со Косово, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција за сомнежите околу бегството на екс-вицепремиерот Артан Груби од земјава.
Според лидерот на Левица, Димитар Апасив, „тоа што му се случи на Груби е доказ за тезата на (Хенри) Кисинџер дека „да бидеш непријател на Американците е ризично, а да бидеш пријател е фатално“. Смета дека Груби бил „шашардисан кога сфатил дека е пуштен низ вода“.
-Мислам дека првично можеби немал намера да бега, но, кога сфатил дека може да заврши како Миле Јанакиески и Спиро Ристовски што ги тепаа во „Шутка“, си вика подобро ми е Албанија. Ова е доказ за тезата дека функционерите не треба да имаат двојно државјанство. Артан си избега за да не биде со судиите кои што си земале „алаш-вериш“ за да мести спорови, кажа претседателот на Левица.