Се проширува истрагата за трагедијата – нови претреси во Кочани

од Nikola Popovski
195 прегледи

Се проширува истрагата која институциите ја спроведуваат по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тимови од МВР вршат претреси во кафулето „Класик“ во Кочани кое е во сопственост на газдата на дискотеката. Дополнително, претрес се врши и во службените простории на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во овој град.

Повеќе детали се очекуваат во текот на денот.

Дискотеката „Пулс“ која функционирала под фирмата „ММММ кафе ДООЕЛ“ не била пломбирана во декември минатата година, посочуваат од УЈП по низата информации кои се појавија во јавноста. Тие посочуваат дека е изречена само казна во 2023 година за сторен прекршок во однос на регистрирање на готовинските плаќања.

Јавното обвинителство продолжува со истрагата за пожарот во кој загинаа 59 лица. Тимот го сочинуваат 11 обвинители, кои работат на доказите и вештачењето. Се очекува да бидат сослушани околу 300 сведоци. Судот ги одби жалбите за притворите.

Протестите се демократска алатка, вели премиерот Христијан Мицкоски, додавајќи дека ги поддржува сите кои одлучиле својот револт да го искажат на таков начин, но не и оние како што ги нарече политички глодари, кои преку трагедии се обидуваат да добијат политички поени.

Со истрагата за пожарот досега се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани. Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвинителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ. По 30-девниот притвор за седумте полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани, како што информираа завчера од Основниот суд Кочани таква мерка е  определена за сите 24 лица за кои имаше барање од Основното Јавно обвинителство. Меѓу 24-те лица за кои е одреден притвор се и тројцата градоначалници на Кочани и тоа градоначалникот во оставка Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев, поранешниот министер за економија Крешник Бекштеши.

Слични содржини