Се проверува исправноста на автобусот што заврши во жардиниера кај „Мавровка“

од Nikola Popovski
54 прегледи

Врз основа на поднесено писмено известување од МВР-СВР Скопје Одделение за увиди на сообраќајни незгоди, за настан во кој возач на автобус на ЈСП Скопје на 8 јули изгубил контрола врз возилото за јавен превоз, отишол во лево и удрил во бетонска жардиниера на булеварот “Гоце Делчев”, при што со телесни повреди биле евидентирани возачот на автобусот и двајца патници, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет и презема дејствија за испитување на настанот.

Надлежниот јавен обвинител ќе ги испита и наводите што се изнесени преку јавно искажани изјави од учесници во настанот и од други лица со кои се укажува на незаконитости во работењето на ЈСП Скопје, во поглед на исправноста и одржувањето на автобусот со кој се случи незгодата.

-За таа цел е ангажирано вешто лице од областа на машинството и издадена е наредба за преземање мерки до МВР – Биро за јавна безбедност да обезбеди податоци и документација од ЈСП Скопје во однос на одржувањето, сервисирањето и исправноста на автобусот, како и организацијата на работниот процес. Согласно наредбата, во присуство на вештото лице ќе се изврши проверка на исправноста на автобусот. Дадени се насоки да се извршат и разговори со лица кои имаaт сознанија за настанот, стои во соопштението на ЈСП Скопје.

Поради неисправен автобус воланот ми закочи, жал ми е патниците што мора да се возат во вакви автобуси. Ова со солзи во очите и со растреперен глас го изјави возачот, Ферзи Арифи, еден ден по немилиот настан.

„Цел живот сум во ЈСП, тука и низ скопските улици ми побеле косата. На трасата од линијата 2 ја знам секоја дупка и не е можно да ми се случи вакво нешто. Воланот ми закочи, жал ми е патниците што мора да  се возат во вакви неисправни автобуси“, рече Арифи.

И синдикатите алармираат дека за инцидентот е виновно раководството на ЈСП кое не ги сервисира автобусите и со тоа ги доведува во опасност и вработените и патниците.

„Инцидентот се случил бидејќи бил неисправен воланот, односно во тој момент се закочил и благодарение на присебноста и искуството на возачот не дојде до поголема несреќа. За овој автобус како и за други      се пријавувало дека се неисправни, но не се сервисираат. Замислете, овој автобус пред неколку дена возел до Водно“, изјави Марјан Ристески, претседател на КСОМ.

На прес-конференцијата се појави новиот директор на ЈСП кој е на функција од неодамна и рече се работи по пропис.

Вработените во ЈСП реагираат дека постојано пријавуваат дефекти, но автобусите другиот ден повторно се пуштаат во сообраќај и се даваат на други возачи.

Во инцидентот покрај возачот на 2-ка, беше повредена и една жена.

Слични содржини