Поранешниот министер и поранешен вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров вечерва обелодени дека еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји всушност ги минирал можните решенија во преговорите со Бугарија, со тоа што давал неадекватни предлози.
-Имаме комесар кој што помалку да беше вклучен во прашањево, помалку да ни помагаше, веројатно полесно ќе го решевме, можеби ќе беше затворен за време на германското претседателств. Вархеји ставаше паралелни предлози со Берлин, повеќе на линија на бугарските позиции, при што неговите предлози немаа поддршка од многу земји членки, најважните и најголемите членки. На тој начин ги компромитираше предлозите на Претседателството. Се случи со Германија, се повтори и со Португалија. Тој имаше негативна улога за нас и тоа е парадокс. На пример тој предлагаше дел од билатералните прашања да влезат во рамката, што е парадоксално. Комисијата треба да биде чувар на европските принципи. Јас со него имав невидени расправии, дури и за идентитетските прашања. За која Европа зборуваме? Тениски елитен клуб кој што вели можеш да влезеш ако имаш приход? Тоа го кажав отворено пред сите земји членки на состанок во Љубљана. Мислам ќе имавме повеќе шанси ако тој не се мешаше во ова прашање, изјави Димитров во емисијата „Клик плус“.