Финската премиерка во заминување Сана Марин поднесе барање за развод, заедно со нејзиниот поранешен сопруг Маркус Раиконен.
„Ние сме благодарни за 19 заеднички години и нашата сакана ќерка. Ќе останеме најдобри пријатели“, објавија Марин и Раиконен во посебни објави на Инстаграм, пренесува „Ројтерс“.
Тие се венчаа во 2020 година додека Марин беше премиерка и се справуваше со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, наведе британската агенција.
„Заедно ја живеевме нашата младост, влеговме во зрелоста и станавме родители на нашата мила ќерка“, напиша Марин на Инстаграм по нејзината венчавка со Раиконен во август 2020 година.
Сана Марин стана најмладата премиерка во светот кога ја презеде функцијата во 2019 година, но нејзината Социјалдемократска партија загуби минатиот месец на парламентарните избори во Финска, пренесува „Танјуг“.