Се сеќава ли некој на бегалците Грујевски и Бошковски?

од desk2
124 прегледи

Ако Никола Груевски, експресно за само неколку дена доби политички азил во Унгарија, бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски никако да почнат со постапката за азил во Грција. Процесот е заглавен бидејќи комисијата во Солун која треба да ја разгледа нивната апликација не може да обезбеди официјален преведувач на македонски јазик. Двоецот од УБК поради страв од политички реваншизам и сомнеж за не фер судење, побара Грција да им обезбеди политичка заштита од владата на Зоран Заев, јавува Алсат М.

„Тие поднесоа уште пред пет, шест месеци барање за азил, меѓутоа властите во Грција имаат проблем со преведувачи на македонски јазик. Од тие причини во повеќе наврати се одлагаше нивното интервју. Сега мислам дека е одложено за месец јануари, меѓутоа не сум сигурен тоа го знаат подобро адвокатите во Солун. Инаку барањето за азил е активно и се уште нема донесено решение по тоа барање“, рече адвокатот Петар Василев.

Колегите новинари од Солун кои го следат случајот околку бегалците Грујевски и Бошкоски посочуваат дека тие сега уживаат статус на слободни граѓани. Судот не им одредил никакви мерки на претпазливост со кои би спречил евентуално бегство. Двајцата живееле во околината на Солун. Инаку вчера повторно се одложи судењето за двајцата тајни агенти за лажните бугарски пасоши со кои грчката полиција ги фати, во обид да пребегаат во Будимпешта.

Горан Грујевски се прекрсти во Христо Атанасов додека неговиот неразделен партнер Никола Бошковски се прекрсти во Неџби Хасан. Грчаката полиција ги уапси на аеродромот во Солун. Македонија побара Грција да ги екстрадира. Солунскиот суд даде зелено светло но Врховниот во Атина пресече дека бегалците не треба да бидат испорачани во Македонија.

Нашето министерство за правда иако летово најави се уште нема испратено ново барање за екстрадиција. Испратена била ургенција до грчките власти да одговорат дали Грујевски и Бошковски ќе бидат испорачни во рамки на првото барање иако Врховниот суд пресече тие да не бидат испорачни во земјава за да им се суди за децениското нелегално прислушување.

Сепак на крај според грчките закони конечната одлука дали Грујевски и Бошковски ќе бидат екстрадирани ја носи грчкиот министер за правда./Алсат М