Се шират грозоморни видеа од Бахмут: На нив наводно се гледаат обезглавени украински војници

од Stefanija Kuzmanovska
182 прегледи

Минатата недела на социјалните мрежи почнаа да кружат две видеа на кои наводно се гледаат обезглавени украински војници.

Се чини дека на снимката се прикажани два различни настани, едниот е снимен неодамна, додека другиот, поради лисјата видливи на земјата, се чини дека е снимен во текот на летото, пишува Си-Ен-Ен.

Првото видео, објавено на 8 април на проруски канал на социјалните мрежи, наводно било снимено од руски платеници од групата „Вагнер“ и наводно ги прикажува обезглавените тела на двајца украински војници како лежат на земја покрај уништено воено возило. На видеото се слуша глас на војник, кој е изменет за да се спречи идентификација.

„Оклопното возило е уништено од мина“, вели глас на руски јазик.

Очигледно мисли на телата на земјата, а додека се смее продолжува да зборува.

„Ги убиле. Некој им пришол. Тие им се приближиле и им ги отсекле главите“, рекол наводниот руски војник.

Според видеото, на двајцата војници наводно им биле отсечени и рацете.

Руските профили на социјалните мрежи велат дека видеото е снимено во близина на Бахмут во источна Украина, каде веќе неколку месеци се случуваат најжестоките борби во војната, во кои активно учество земаат борците на „Вагнер“. Локацијата на видеото не е независно потврдена.

Друго видео, кое беше објавено на Твитер и е силно заматено, изгледа како да е снимено во текот на летото поради количеството лисја на земјата, пишува Си-Ен-Ен.

Наводно се гледа како руски борец користи нож за да обезглави украински војник. Гласот на почетокот на видеото сугерира дека жртвата можеби била жива кога започнал нападот.

Набргу по објавувањето на видеата, Андриј Јермак, главен советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски, на Твитер напиша: „Сите ќе одговараат“.

Во понеделникот, Институтот за проучување на војната (ISW) рече дека Вагнеровците „наводно продолжуваат да вршат воени злосторства со обезглавување на украинските војници во Бахмут“, повикувајќи се на фотографија споделена на проруските социјални мрежи на која се гледа нешто што изгледа како поставување глава на шилец.

ISW тврди дека и во овој случај се работи за украински војник. Тие, исто така, објавија дека слични инциденти биле забележани во Попасна, регионот Луганск, каде што трупите на „Вагнер“ исто така оперирале порано во војната.

Некои проруски канали на социјалните медиуми сугерираат дека украинските сили се одговорни за обезглавувањата во обид да го сокријат идентитетот на мажите.

Шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, даде слично тврдење во јануари, откако неговите борци објавија дека пронашле тела со отсечени раце и глави во близина на Бахмут.

Слични содржини