Украинскиот премиер Денис Шмихал соопшти дека дефектот настанал по нарушувања на преносните водови меѓу Романија и Молдавија, како и меѓу западна и централна Украина.
Според Шмихал, нуклеарните електрани во моментов работат со намален капацитет поради настанатиот испад.
Вонредни исклучувања на струја
Државниот оператор на електроенергетската мрежа Укренерго околу 14 часот соопшти дека се воведени вонредни исклучувања на електрична енергија во Киев и околината, како и во Черкаската, Чернивачката, Житомирската и Харкивската област.
„Недостигот на електрична енергија во системот и натаму е многу голем“, соопштија од Укренерго, додавајќи дека санацијата е во тек и дека приоритет има снабдувањето на критичната инфраструктура.
View this post on Instagram
Причините сè уште нејасни
Извори од енергетскиот сектор и од Кабинетот на министри изјавиле за украинскиот портал Економична правда дека станува збор за системски дефект во енергетскиот систем, но точната причина засега не е позната.
Во Киев, граѓаните останале без струја, греење и вода во услови на температури под нулата. На социјалните мрежи масовно се споделуваат фотографии и видеа од станови кои буквално се замрзнати.
Инцидентот се случува по повеќемесечната руска кампања на напади врз клучната украинска инфраструктура, која на енергетскиот систем му нанесе сериозна штета.
Застој на метрото и сведоштва
Киевската воена администрација соопшти дека подземната железница привремено го запрела сообраќајот поради прекинот на струја.
Катерина Малиуха, 27-годишна наставничка по танц, се нашла во метрото во моментот кога снемало струја.
„Со другите патници бевме под земја околу два часа пред да нè извлечат. Немаше паника, сè беше прилично организирано. Нè изведоа надвор и никој не исчезна“, изјави таа за Kyiv Independent.
„Секако дека сите се во шок. Речиси и да нема мобилна мрежа. Размислувам како да се вратам дома“, додаде таа.
Проблеми со водата и железницата
Компанијата Киивводоканал соопшти дека поради прекинот на струја е запрено и водоснабдувањето во целиот град, додавајќи дека нивните екипи работат заедно со енергетичарите за што побрзо нормализирање на состојбата.
Енергетската компанија ДТЕК пријави вонредни исклучувања и во јужниот дел на Одеската област, како и во централно-источната Днепропетровска област.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се преземени „сите неопходни мерки“ за обновување на електроенергетската мрежа и стабилизирање на состојбата во најкус можен рок.