Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека бројот на случаи на коронавирус повторно се зголемува во одредени делови од светот, а причината е појавата на нов сој на вирусот, означен како „NB.1.8.1“. И покрај ова зголемување, СЗО оценува дека глобалниот ризик за јавното здравје од овој сој засега останува низок.
Најмногу нови случаи се регистрирани во земјите од Источниот Медитеран, Југоисточна Азија и Западниот Пацифик. Американските здравствени власти го откриле овој нов сој преку надзор на патници кои пристигнале од тие региони на аеродромите во Калифорнија, Вашингтон, Вирџинија и Њујорк.
СЗО го класифицираше „NB.1.8.1“ како „сој под надзор“. Тоа значи дека се следи внимателно, но засега не постојат докази дека предизвикува потешки форми на болест во споредба со претходните варијанти. Организацијата истакнува дека постојните вакцини најверојатно и понатаму обезбедуваат соодветна заштита од вирусот.
И додека новиот сој се следи внимателно, здравствените власти во САД направија промени во препораките за вакцинација. Министерот за здравство и човечки услуги, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, објави дека вакцините против коронавирус повеќе не се препорачуваат за здрави деца и бремени жени.
Во моментов, најраспространет сој на коронавирус и во САД и на глобално ниво е „LP.8.1“. Сепак, новата варијанта „NB.1.8.12“ се шири брзо и е под постојан надзор.
Некои земји од регионот на Западниот Пацифик пријавуваат зголемување на бројот на заболени и хоспитализирани, но досега нема потврда дека новиот сој предизвикува потешка форма на болеста. СЗО апелира до јавноста да остане информирана, но и смирена, бидејќи ситуацијата се следи одблизу.