Се ситни имотот на Мијалков: Се продаваат градежно земјиште и шума за 2 милиони евра

од Nikola Popovski
266 прегледи

Агенцијата за управување со одземен имот информира дека со денешната објава за продажба на недвижен имот, со претходно донесена Одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија, продолжува враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Станува збор за градежно неизградено земјиште со површина од 3880,15м2 и шума со површина од 634,38м2, кои што се наоѓаат на место викано Г.Курило на КО Центар 2, одземени со правосилна пресуда I KOK-ПП.бр.283/2022 од Основен кривичен суд Скопје.

-Со продажбата на овие недвижности во буџетот на државата ќе се уплатат средства во висина од 126.638.882,00  денари или 2.059.000 евра, порачуваат од Агенцијата, упатувајќи апел до сите заинтересирани правни и физички лица, без страв и притисок да земат учество на јавната лицитација.

Порашениот шеф на ДБК призна вина во случајот „Империја“ и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот „Мериот“.

Претходно, по становите во Охрид и парцелата во село Моране, Мијалков остана и без три апартмани во комплексот „Панорамика“ на Водно. Продажбата се одвивала по пат на аукција.

-Три станови на улица Славејко Арсов и гаража од 30м2. За недвижностите имаше наддавање и истите завршија успешно. Со тоа, во државниот Буџет ќе бидат уплатени парични средства во вкупна вредност од 332 илјади и 276 евра. Ја информираме јавноста дека продолжуваме понатаму по истиот пат и ќе објавиме оглас за продажба и на други надлежности, рече неодамна директорот на Агенцијата, Небиу на прес-конференција.

Беа продадени три недвижности од имотот на Мијалков, во вкупен износ од 15.000.500 денари или 244.000 евра, според информациите од Агенцијата.

Претходно, во јули годинава, на аукција на берза беа ставени запленети акции на Мијалков.

Случајот „Империја“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство уште во 2018 година, за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Во истрагата беа опфатени 19 лица, но дел од нив во меѓувреме признаа вина и се спогодија со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за дел постапката беше прекината поради застарување, а за дел имаше решенија за запирање на постапката.

Слични содржини