Се собираат дополнителни докази дали бегството на Груби било организирано

од Nikola Popovski
28 прегледи

„Во моментов се собираат повеќе докази за тоа дали полицаецот кој бил на должност (на ГП „Блаце) кога поранешниот вицепремиер Артан Груби избегал од земјава направил невнимателна грешка или бил дел од одредена група која го организирала бегството“, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„За ова е отворена истрага и постапува Основното јавно обвинителство, а во рамките на она што го имаме како несоборливи докази против лицето, поднесовме кривична пријава и тој е суспендиран од работа. Во моментов се истражува дали имало комуникација и каква била таа комуникација“, нагласи Тошковски.

Тој информира и дека за да се спречи токму ова сценарио, направени се посериозни подготовки и посветени се сите ресурси.

Според него, на граница имало дополнителни служби кои требало да реагираат доколку има бегство, но, како што нагласи, не реагирале бидејќи се работело за тајна операција.

Тошковски истакна дека тоа што Артан Груби не изразува никаква иницијатива за враќање во земјава е доволен показател дали е виновен или не.

Екс-вицепремиерот останува во бегство и е прогласен за обвинет откако, според Обвинителството, незаконски наредил давање лиценци на повеќе компании за коцкање. Во случајот со Државна лотарија, Груби и екс-директорот на „Лотарија“, Перпарим Бајрами се осомничени како соизвршители на делото проневера во службата, додека уште четири други лица како членови на комисијата за јавни набавки се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Истрагата за Државна лотарија следуваше откако претходно на 9 декември тој, заедно со неговото семејство и судијата Енвер Беџети завршија на црната листа на САД поради „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање“, кој исто така од претходно е под американски санкции.

Истрагата за криминалот во „Државна лотарија“ тежок 501 милион денари или над 8 милиони евра опфати шест лица, а МВР поднесе кривични пријави против осуммина вклучувајќи ги и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски.

Слични содржини