Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно”.
На денешното рочиште прво беше сослушан сведокот Бисерка Јовковска Ќаева која била сосетка на екс премиерот Никола Груевски. Таа заедно со сопругот купила стан од 57 квадрати на улица „Бихаќка”, кој потоа го продале.
– Станот беше мал и се одлучивме да побараме друг, со поголема квадратура. Прво го понудивме на луѓето околу нас дали сакаат да го купат, вклучително и на премиерот.Нашиот стан беше во иста линија со поголемиот стан кој подоцна го купи тогашниот премиер Никола Груевски.Јас, лично не се видов со тогашниот премиер, туку со луѓе овластени од него со кои отидовме на нотар и се изврши купопродажбата, рече Ќаева.
Сведокот Татјана Стојановска, која рече дека на нејзино име има стан на улица „Бихаќка“ и уште еден до него на име на фирма чиј управител е таа, но дека тие не се нејзини туку, на трето лице.
-На имотен лист да, ама јас не ги поседувам, кажа Стојановска.
Истрагата за случајот „Плацови на Водно“ беше отворена во октомври лани и, според наводите од обвинителството, во периодот од 2006 до 2012 година со пари од членарина и партиски донации на ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни парцели на Водно односно земјиште од 11 000 квадратни метри.
Оваа истрага неодамна се прошири, се вршеа претреси во зграда на Бихаќка, а потоа беше соопштено дека се откриени два нови стана и уште еден плац од 3 000 квадратни метри на Водно, кои се сметаат за сопственост на Груевски. Тој имот е замрзнат.