Најмалку 13 луѓе се убиле поради скандалот со британската Пошта (The Post Office), во кој речиси 1 000 вработени биле неправедно обвинети и осудени за наводна проневера, иако биле жртва на грешките на компјутерскиот систем, се вели во извештај за ситуацијата.
Како што известија британските медиуми, уште 59 луѓе размислувале да посегнат по својот живот поради овој случај, кој се смета за една од најголемите правосудни неправди во современата историја на Велика Британија.
Отприлика од 1999 па до 2015 година, стотици луѓе што работеле во испоставите на поштата биле неправедно обвинети за кражба, измама и лажно книговодство, врз основа на она што го продуцирал неисправниот ИТ систем. Тој покажувал фиктивни минуси.
Некои од обвинетите завршиле во затвори или банкротирале. Други го загубиле здравјето, се развеле и биле исфрлени од своите заедници. Пензионираниот судија Вин Вилијамс, кој води јавна истрага за скандалот, вели дека до бројката од 13 самоубиства се дошло од разговорите со семејствата.
Иако британската Пошта е во државна сопственост, работи комерцијално исто како приватна фирма. Проблемите со нејзиниот систем биле познати со години. Станува збор за софтверот „Хорајзон“ што го развила јапонската компанија Фуџицу. Поштата го вовела пред 25 години, за да го автоматизира книговодството за продажбите. Кога системот покажувал минусти, поштата ги обвинувала раководителите на експозитурите и ги терала да ги вратат парите. Но станувало збор за фиктивни минуси, а не за реални загуби.
Сега на површина излегува дека одамна се знаело за проблемите, но немало напор да се согледаат вистинските размери на проблемот и да се преземат мерки. Наместо тоа, проблемот се туркал под тепих.
Според извештајот, околу 1 000 луѓе биле кривично гонети и осудени на основа на погрешни податоци.
Владата изготви закон со кој ќе се поништат пресудите, а на жртвите им се ветува отштета.