Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонско интервју за NBC изјави дека „не се шегува“ кога зборува за можноста за трет претседателски мандат, но додаде дека е „прерано да се размислува за тоа“.
Трамп не ја исклучи можноста повторно да се кандидира за Белата куќа, иако Уставот на САД според 22-от амандман јасно забранува повеќе од два мандати. Тој истакна дека „постојат начини“ за да се направи тоа.
„Многу луѓе сакаат да го сторам тоа“, рече Трамп. „Но, најмногу им велам дека ни претстои уште долг пат. Знаеш дека сме само на почетокот на мандатот? Јас сум фокусиран на она што е пред мене сега“, додаде тој.
На прашањето дали навистина сака уште еден мандат, Трамп одговори: „Сакам да работам“. На прашањето дали е сериозен, тој рече: „Не се шегувам. Но, рано е да се зборува за тоа“.
Трамп, исто така, не ги откри конкретните планови што би му овозможиле да се кандидира за третиот мандат, но рече: „Постојат начини на кои тоа може да се направи“.
Ен-Би-Си Њуз спомена можно сценарио во кое потпретседателот Џеј-Ди Венс би се кандидирал за претседател, а потоа власта би ја префрлил на Трамп. Трамп одговори: „Тоа е една опција. Но има и други“. На прашањето дали може да открие кои се другите можности, Трамп одговори: „Не“.
Промената на Уставот за да се отстранат ограничувањата на претседателските мандати е многу тежок процес, бидејќи е потребно двотретинско мнозинство во Конгресот или поддршка од две третини од државите за да се свика уставна конвенција, а потоа ратификација во три четвртини од државите.
Трамп ги наведе резултатите од анкетата, велејќи дека „многумина сакаат“ тој да остане претседател и по трет мандат. Тој и претходно ја коментираше идејата за трет мандат, иако многу републиканци неговите изјави ги протолкуваа како шега или провокација насочена кон неговите противници.
Претставникот Енди Оглс од Тенеси веќе подготви резолуција со која ќе се овозможи продолжување на претседателскиот мандат, што би ја отворило вратата за Трамп повторно да се кандидира.
Во меѓувреме, неговиот близок соработник Стив Банон изјави во интервју за News Nation дека верува оти Трамп повторно ќе се кандидира и ќе победи во 2028. Во истото интервју, тој исто така рече дека „постојат различни начини“ на кои може да се заобиколи уставната граница од два мандата.