Се уште е во бегство осомничениот за обид за убиство на градоначалникот на Арачиново

од Nikola Popovski
29 прегледи

Поради основано сомнение за кривично дело – Убиство oд член 123 став 2 точка 3, а во врска со член 19 (во обид), Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишен жител на Арачиново.

Тој е осомничен дека на 1 април со умисла се обидел да го лиши од живот градоначалникот на таа општина, а во опасност ги довел и животите на уште неколку лица. Додека градоначалникот со своите соработници од Општина Арачиново и вработените од фирма-изведувач вршеле увид на градежни работи, осомничениот дошол со мотор, се паркирал и со автоматска пушка во рацете пришол на групата луѓе. Почнал да пука кон градоначалникот и со неколку проектили погодил две лица во неговата непосредна близина.

Со оглед на тоа што осомничениот од извршување на делото е недостапен за органите на прогонот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор која доколку биде определена ќе започне ефективно да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Воедно, до Министерството за внатрешни работи се издадени соодветни наредби за пронаоѓање на осомниченото лице.

Ова не е прв обид да се заплаши градоначалникот на оваа општина во околината на Скопје. Тој во неколку наврати пријавуваше во полиција дека е мета на вербални и физички напади и закани. Ибраими во мај минатата година се пожали дека некој му се заканувал по живот, додека не бил присутен во општинската зграда. Истрагата покажа дека станува збор за соселанец, кој  се заканувал затоа што не бил задоволен од постапување во предмет за користење државно земјиште. Заканите ги упатил пред повеќе лица во општината.

Пријава до МВР имаше и во септември 2022 година, кога градоначалникот информираше дека бил физички нападнат во просториите на општината.

Слични содржини