Се уште нема водечка верзија за причините за несреќата во Бугарија

од Vladimir Zorba
233 прегледи

Се уште нема водечка верзија за причините за тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, во која животот го загубија 45 лица.

„Кога ќе се изготват заклучоците од назначеното вештачење, тогаш ќе одлучиме дали и колку лошото обележување на автопатот има врска со несреќата“, рече Бисер Михаилов, заменик окружен обвинител во обвинителството во Перник.

Заклучоците од првичните анализи исклучуваат експлозија, велат бугарските инспектори.

„Дефинитивно отфрламе наводи дека бил транспортиран бензин или дека имало влијание на експлозив – во моментов не може да се каже. Но, извршени се инспекции, не се пронајдени никакви експлозивни средства и нивни останки“, објасни истражителот Младен Петров.

Веќе е извршен првичен распит на сопственикот на фирмата сопственик на кобниот автобус. Македонските инспектори ја доставиле и целата досега одземена документација, како и стенограми од сослушувањата. Македонски експерти ќе пристигнат во Бугарија.

„Двајца наши стручњаци од Институтот за судска медицина ќе отпатуваат за Софија со цел да се забрза процесот на идентификација на загинатите и потоа предавање на нивните тела на семејствата“, изјави вчера Љубомир Јовески, главен обвинител на РСМ.

Бугарските истражители се надеваат дека жртвите ќе бидат идентификувани до крајот на следната недела и нивните останки ќе бидат вратени на нивните најблиски.

Се уште не е јасно кога ќе заврши истрагата.

Слични содржини