Заклучно со вчерашните податоци на Центарот за управување со кризи, бројот на активни пожари е намален. Паралелно, се продолжува со подготовки за проценки на штетите на зафатените локации од пожарите, но и за утврдување на причините за нивно избувнување. Според надлежните, дел од пожарите во земјава се подметнати или се предизвикани од невнимание на одредени луѓе и токму заради тоа мора да имаме посериозна одговорност.
За пожарот кај село Раовиќ, во општина Сарај, надлежните информираа дека повторно на три-четири места се забележува чадење на самиот срт и по сртот на планината Осој. Пожарите кај селата Дивље и Крушија, пак, се ставени под контрола. Изгаснат е пожарот што избувна во текот на вчерашниот ден на месноста викана Градишче, атар на село Владимирово, а пожарот на градската депонија Виница во место викано Лесковски пат е локализиран, но не и целосно ликвидиран. Ставен е под контрола пожарот, кој избувна меѓу селата Матејче и Виштица, каде што гори сува трева и грмушки.
Појава на пожар на отворен простор имало и во атарот на село Отља кон село Матејче. Во гаснењето на овој пожар се вклучени тројца пожарникари со противпожарно возило, четворица полицајци од ПС Матејче, како и 30-ина граѓани од село Отља.