Се врши увид во рудникот Бучим: Алпинистите чистеле силоси високи 25 метри

од Берта Китинска
422 прегледи

Вчера две млади лица загинаа во рудникот „Бучим“. Трагедијата се случила откако двајцата радовишани чистеле високо недостапни силоси, работа која ја извршувале како надворешни лица ангажирани од алпинистичкиот клуб „Плоча“, подизведувачи во рудникот.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш заедно со увидна екипа, кримтехничар од Министерството за внатрешни работи и инспектори за труд и безбедност при работа извршија увид во рудникот Бучим, работна единица Флотација, каде на 13.10.2021 година околу 11:50 часот две лица го загубија животот, а едно се здобило со телесни повреди.

-Според првичните сознанија, до несреќата дошло при чистење на два силоси, високи по 25 метри , со дијаметар од 17 метри, во кој се складира руда. Починатите, жители на Радовиш, членови на алпинистичкото друштво „Плоча“, на возраст од 20 и 45 години, биле ангажирани со договор помеѓу две правни лица за специфична услуга за чистење на силосите полни со руда.Во текот на увидот, по дадени насоки и наредби од обвинителството, извршено е фотографирање на самото место на настанот. Обезбедени се затекнатите траги и предмети. Идентификувани се и извршен е разговор со лицата присутни на местото на настанот. Обвинителството издаде наредби за обезбедување на техничката документација за силосите, целокупната документација за ангажманот на алпинистичкиот клуб „Плоча“, правилниците за работа на работната единица Флотација. Издадена е и наредба за вршење на обдукција на телата на починатите.Забрането е работењето на тој дел од рудникот и ќе биде обезбедуван од полициски службеници, за да по дадена наредба од обвинителството на 14.10.2021 година се продолжи со вршење на увид на самото место со присуство на техничка инспекција со рударски инженери, соопштија од ОЈО.

Македонската алпинистичка федерација со жалење ја прими веста за несреќата што вчера се случи во еден од силосите на рудникот Бучим кај Радовиш, во која загинаа нејзини двајца истакнати алпинисти.

– Со длабока жал споделуваме дека смртно настрадани во несреќата се алпинистот Зоран Мајсторски и Драган Станишков од Радовиш. Искрено сочувствуваме со фамилиите на двајцата. Зоран Мајсторски беше еден од столбовите на македонскиот алпинизам кој остави значителен алпинистички траг. Алпинистите од МАФ и алпинистичката заедница остануваат без драгоцен другар и непроценлив алпинистички потенцијал. Зоран Мајсторски вечно ќе остане запаметен преку неговите искачувања, се вели во сочувството од МАФ за несреќата..

Полицијата потврди дека две лица загинаа во рудникот „Бучим“ кај Радовиш, членови на алпинистичкиот клуб „Плоча” од Радовиш, ангажирани за чистење на високи, недостапни силоси, додаваат од МАФ.

 

Слични содржини