Актерката Мира Фурлан почина во средата на 65-годишна возраст.
Официјалната причина за смртта сè уште не е соопштена, но хрватските медиуми од лица блиски до актерката дознале дека таа долго време страдала од вирусот Западен Нил, кој ѝ бил пренесен од заразен комарец.
Вирусот се пренесува на луѓе и други цицачи со убод од заразен комарец, но тој не се пренесува од човек на човек.
Болеста се појавува во летните и есенските месеци, а кај луѓето во 70-80 проценти од случаите поминува без симптоми. Во околу 20 проценти од случаите, болеста се манифестира со симптоми слични на грип, како што се, најчесто, треска, главоболка, слабост и болка во мускулите и зглобовите.
Само еден процент од заболените можат да развијат посериозна болест поради зафатеност на централниот нервен систем, со симптоми на менингитис или енцефалитис, односно воспаление на мозокот.
Постарите луѓе кои веќе имаат хронично заболување (на пример, дијабетес, хипертензија, хронично заболување на бубрезите) или имуносупресивни лица се изложени на зголемен ризик од заболување од оваа болест.
Заболените се третираат симптоматски и повеќето од нив се опоравуваат без трајни последици.
Вирусот е редок во Европа, но во последните години има зголемување на бројот на случаи. Прв пат беше официјално откриено во Хрватска во 2012 година.