Се заканува доминацијата на Мекларен во Јапонија, Ферари и Ред Бул

од Vladimir Zorba
23 прегледи

Британецот Ландо Норис во Мекларен постигна најдобро време на првиот слободен тренинг во пресрет на Јапонското ГП, третата трка од Светскиот шампионат во Формула 1, додека неговиот тимски колега од Австралија, Оскар Пјастри беше најбрз на вториот тренинг на патеката Сузука.

Тренингот го одбележа излетувањето на возачот на Алпин, Џек Дуан, кој удри во оградата. Автомобилот бил уништен, а за среќа Дуан неповреден излегол од автомобилот.

По пауза од дваесетина минути, шпанскиот ветеран Фернандо Алонсо во Астон Мартин излета, но без никакви последици. До крајот на вториот тренинг беа забележани уште два кратки прекини поради запалената трева покрај патеката.

Најбрзото време на првиот тренинг постигна Ландо Норис, кој патеката ја мина за 1:28.549 минути. Втор беше Британецот Џорџ Расел во Мерцедес (1:28.712), додека трет Шарл Леклер зад воланот на Ферари (1:28.965).

Во своето деби во болидот на Ред Бул, Јапонецот Јуки Цунода беше шести.

На вториот тренинг, Оскар Пјастри во болидот на Мекларен имаше најбрзо време (1:28.114) пред тимскиот колега Норис (+0.049), додека Исак Хаџар во болидот на Рејсинг Булс (+0.404) го освои третото место.

По првите две трки од сезоната, Мелбурн и Шангај, Британецот Норис е на чело со 44 поени пред Холанѓанецот Макс Верстапен со 36 и Расел со 35 поени.

Третиот и последен тренинг и квалификациите ќе се одржат утре, додека стартот на трката за Големата награда на Јапонија е закажан за в недела во 7 часот.

РЕЗУЛТАТИ – 1 тренинг сесија:

1. Ландо Норис (ВБ/Мекларен-Мерцедес) 1:28.549
2. Џорџ Расел (ВБ/Мерцедес) 1:28.712
3. Шарл Леклер (МОН/Ферари) 1:28.965
4. Луис Хамилтон (ВБ/Ферари) 1:29.051
5. Макс Верстапен (Хол/Ред Бул) 1:29.065 …

РЕЗУЛТАТИ – втора тренинг сесија:

1. Оскар Пјастри (Авс/Мекларен-Мерцедес) 1:28.114
2. Ландо Норис (ВБ/Мекларен-Мерцедес) 1:28.163
3. Исак Хаџар (Фра/Рејсинг Булс-Ред Бул) 1:28.518
4. Луис Хамилтон (ВБ/Ферари) 1:28.544
5. Лиам Лосон (НЗ/Рејсинг Булс-Ред Бул) 1:28.559 …

Слични содржини