Кабинетот на префектот на Неапол издаде соопштение дека најмалку седум лица, меѓу кои и бебе старо три недели, брат (5) и сестра (11), загинаа на јужниот италијански остров Искија по лизгање на земјиштето предизвикано од силен дожд.
Властите во Неапол вчера потврдија дека пет лица се уште се водат како исчезнати и додадоа дека постои страв дека се затрупани под урнатата земја.
Останатите жртви се родителите на бебето, локален жител (31) и турист од Бугарија, пренесе АП.
Покрај загинатите и исчезнатите, повредени се четири лица, а повеќе од 160 се раселени.
Италијанската влада прогласи вонредна состојба на островот Искија на вонредна седница во неделата и издвои два милиони евра за спасувачките служби и обновувањето на јавните услуги, пренесе АП.
Многу силен дожд предизвика огромно лизгање на земјиштето со наслаги од кал и свлечишта во саботата пред зори, кое се спушти кон пристаништето Казамичола, уривајќи се пред него и носејќи цели згради и возила во морето.