Сезоната на полен може да биде подолга и поекстремна поради климатските промени, предизвикувајќи уште понеподнослива поленска треска кај заболените од алергија, предупредува британската метеоролошка служба. Се зголемува бројот на алергични лица, но и хоспитализациите поврзани со поленска треска.
Предупредувањето од Метеоролошката канцеларија, пандан на Обединетото Кралство на NHS, дојде откако во 12 области во Велика Британија беше издаден црвен аларм поради многу високи концентрации на полен во воздухот. Според NHS England, посетите на страниците со совети за поленска треска се зголемиле тројно во изминатите пет недели.
„Бележиме многу денови со висока концентрација на полен бидејќи ваквото добро време е погодно за ширење на овој алерген. Проблемот не е толку во количината на полен, туку во бројот на денови со висока концентрација“, велат експерти од Универзитетот во Ворчестер, кој соработува со Met Office на програмата за прогнозирање на полен, пишува „Гардијан“.
Сезоната на полен од трева во Британија обично трае од средината на мај до јули, додека сезоната на полен од коров трае од крајот на јуни до септември. Симптомите на поленска треска вклучуваат кивање, кашлање, течење или затнат нос, како и црвени очи, чешање или насолзени очи. Заболените може да доживеат и главоболка, болка во увото или да го изгубат сетилото за мирис.
Научниците предвидуваат дека сезоната на полен може да се промени бидејќи глобалното затоплување предизвикува повеќе топли, посува лета и потопли, повлажни зими. Обично има поголема концентрација на село, но и во урбаните средини луѓето имаат сè посериозни симптоми на поленска треска, најмногу поради тоа што загадувањето може да ја влоши реакцијата на телото, оштетувајќи ја заштитната бариера во нашиот нос и дишните патишта.
Во моментов, секој четврти возрасен во Велика Британија има поленска треска, а тој број само се зголемува. Во последните 30 години, бројот на заболени од алергија е тројно зголемен.