Се зголемува бројот на загинати во земјотресот во Кина

од Stefanija Kuzmanovska
178 прегледи

Спасувачите втор ден по ред копаат низ урнатините, откако температурите во текот на ноќта паднаа многу под нулата, а бројот на загинати од најсмртоносниот земјотрес во Кина во последните години се искачи на 131, пренесува АФП.

Државната телевизија CCTV соопшти дека најмалку 113 луѓе загинале во северозападната провинција Гансу и уште 18 во соседниот Кингхаи, откако плиток земјотрес оштети илјадници згради во понеделникот вечерта.

Земјотресот беше најсмртоносниот во Кина од 2014 година, кога повеќе од 600 луѓе загинаа во југозападната провинција Јунан.

„Во тек е лекување и спасување на повредените, како и итна санација на инфраструктурата“, пренесе CCTV утрово.

Американскиот геолошки институт соопшти дека земјотресот со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала се случил на мала длабочина во 23:59 часот по локално време во понеделникот вечерта, со епицентар на околу 100 километри од главниот град на провинцијата Гансу, Ланжу.

Уследија десетици помали последователни потреси, а властите предупредија дека во следните неколку дена се можни земјотреси со јачина поголема од 5,0 степени.

Слични содржини