Се зголемува бројот на заразени, можни рестрикции за невакцинираните

од Nikola Popovski
311 прегледи

Се зголемуваат бројките со заразени со коронавирус во последниот период. Податоците што ги објави вчера Институтот за јавно здравје за претходното деноноќие покажуваат дека при направени 3.593 тестирања се регистрирани 47 нови случаи на Ковид-19,  како и дека оздравеле 14, а нема починати пациенти. Бројот на активни ковид случаи изнесува 359 од кои 130 се во Скопје.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера од Битола најави дека би се вовеле рестриктивни мерки за невакцинираните лица онаму каде што има можност за масовни собири, јавни настани, влез на јавни места.

-Рестрикциите на вакви места би важеле и за децата кои не се вакцинирани. Нема да имаме друга можност освен да воведеме некаква форма на рестрикција. За мерките е разговарано и дополнително ќе разговараме со цел да го заштитиме целокупното друго население, информира Филипче при посетата на Клиничката болница во Битола.

Во овој момент, посочи, имаме највисока стапка на вакцинација споредено со многу земји во регионот, па дури и во овој дел на Европа.

– Искрено верувам дека така и ќе продолжиме. Околу 33 илјади жители во Битола се вакцинирани, од тоа 23 илјади се ревакцинирани. Тука вакцинацијата ќе продолжи во Здравствениот дом, кој сега веќе е целосно реновиран, сите простории се опфатени вклучувајќи ги вакциналните пунктови. И изминатава недела имаме прилично висок процент за вакцинација што сметам дека е многу добро и се надевам дека така и ќе продолжи, рече Филипче.

Од Министерството за здравство вчера соопштија дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 500.995 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 4.098 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.810 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 862.426 дози вакцини, а ревакцинирани се 361.431 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Слични содржини