Се зголемува енергетската независност: За првпат во последните 15 години 87% од целокупните потреби за струја е од домашно производство

од Nikola Popovski
184 прегледи

На денешната прес-конференција на портпаролот на Владата, Душко Арсовски и соработникот за енергетика, Виктор Андонов, беа презентирани најновите информации за енергетската состојба во земјата и одлуките од вчерашната 129 владина седница.

Соработникот за енергетика, Виктор Андонов ги презентираше последните податоците според кои сите домашни енeргетски капацитети се функционални, домашното производство на електрична енергија е стабилно и во целост ги задоволува потребите на домаќинствата, малите потрошувачи, како и потребите за дополнителните снабдувања за училишта, прехранбената индустрија и други витални државни субјекти.

„Во текот на вчерашниот ден, дневното домашно производство на електрична енергија изнесуваше 19,205 Mwh, од кои 13,940 Mwh се од термоелектраните, додека 5,265 Mwh се од обновливи извори.Со ова производство, во целост се задоволени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, како и потребите за дополнителни снабдувања за училишта, прехранбена индустрија и други витални државни субјекти“, рече Андонов.

Тој потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија и во 2023 година продолжува со спроведување на планот за полесно справување со енергетската криза кој вклучува, зголемено домашно производство на електрична енергија и непречено снабдување на граѓаните со електрична и топлинска енергија.

„Во изминатата година, направени беа максимални напори за зголемување на домашното производство на електрична енергија, а за тоа јавноста секојдневно беше информирана за дневните податоци за произведената електрична енергија.

Во месец јануари, за првпат во последните 15 години, од вкупните потреби на електрична енергија во Северна Македонија, дури 87% се обезбедени од домашните производствени капацитети, додека само 13% се обезбедени од увоз“, додаде Андонов.

Андонов укажа на важноста на програмите и мерките за поддршка на граѓаните и компаниите, кои што ги објави министерот за економија, Крешник Бектеши меѓу кои е и повикот кој сѐ уште е активен за субвенционирање на сметките за електрична енергија за најранливите категории на граѓани.

„Ги повикувам граѓаните да аплицираат на јавниот повик кој ќе биде отворен до крајот на февруари, а сите детали за тоа кои категории на граѓани може да аплицираат и за постапката може да ги најдете на веб страницата на Министерството за економија. (https://www.economy.gov.mk/mk-MK/news/javen-oglas-za-finansiska-poddrska…)

Државата обезбеди скоро 1 милион евра за субвенционирање на сметката на електрична енергија на домаќинства со ниски приходи, субвенцијата се движи од 600 до 800 денари од сметката за електрична енергија.

Со овој повик оваа година е зголемен прагот на вкупни приходи кои ги остваруваат домаќинствата, а воведени се и нови категории на домаќинства кои што ќе можат да ја искористат оваа мерка.

Исто така, за да се избегнат недоумици и дезинформации, сакам да потенцирам дека граѓаните кои и минатата година добија субвенционирање на сметките на електрична енергија, можат повторно да ја искористат оваа мерка, но истите треба повторно да аплицираат на јавниот повик за да ја добијат субвенцијата која им следува.

Важна информација којашто треба да ја знаат граѓаните кои ги исполнуваат условите за мерките од овој повик е дека доколку овие домаќинства успеат да направат заштеда на електрична енергија од 10% споредено со истиот период од минатата година, тогаш ќе имаат дополнително 200 до 300 денари намалување на сметката за електрична енергија во зависност од категоријата“, соопшти Андонов.

Андонов рече дека во програмата предвидени се следните категории на средства, за самец со приходи до 19.000 денари; за домаќинство со два члена со приходи до 25.000 денари; за домаќинство до три члена со приходи до 30.000 денари намалувањето на сметката ќе биде 600 денари, додека за домаќинство со четири члена со приходи до 36.000 денари; и за домаќинство со пет члена и повеќе члена со приходи до 43.000 денари намалувањето на сметката ќе биде 800 денари.

Оваа мерка годинава е проширена со други социјално ранливи категории на лица како што се корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надомест за телесно оштетување.

„Штедењето на електрична енергија е исклучително важно во услови на криза, и преку оваа мерка им помагаме на граѓаните на кои им е најпотребна поддршка и ги поттикнуваме да штедат електрична енергија.

Помалата потрошувачка на електрична енергија за овие граѓани заедно со државната субвенција ќе значат пониски сметки за електрична енергија и поддршка за институциите за полесно справување со енергетската криза.

Солидарноста е најважна алка за полесно надминување на кризните предизвици со кои се соочуваме сите“, наведе Виктор Андонов, соработник за енергетика.

Портпаролот Арсовски информираше за дел од заклучоците од 129 седница на Влада како што е Информацијата за воспоставување Систем за следење и контрола на тутунски производи и на Систем за следење и контрола на нафта и нафтени деривати – Track&Trace, со препораки за начинот на имплементација во Република Северна Македонија.

Тој информира дека системот има за цел да обезбеди следење и контрола во сите фази на нивното движење до првото малопродажно место.

„На предлог на вицепремиерот за економски прашања, Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за проектот за првиот дигитален асистент во јавниот сектор во нашата земја, базиран на вештачка интелигенција- АДА, дизајниран за потребите на програмите за државна помош.

Со воведувањето на ваквиот дигитален асистент, се очекува дека ќе се автоматизираат до 80 проценти од сите интеракции со корисниците, што ќе придонесе до голема заштеда на ресурси, проактивна комуникација со граѓаните, намалување на метежот во институциите, поефикасни и поефективни процеси, услуги, зголемување на продуктивноста на вработените“, подвлече Арсовски.

Тој информираше дека е донесена одлука за разрешување на Владимир Кроневски од должноста директор на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија, а за в.д. директор е именувана Кристина Јоакимовска.

Слични содржини