Се зголемува интересот за имунизација, над 500 илјади вакцини ќе пристигнат месецов

од Берта Китинска
246 прегледи

Бројот на вакцинирани расте велат од министерството за здравство.

„Сите кои се пријавиле без разлика на возраста ќе бидат повикани преку мејл или СМС порака. Сега, со пристигнувањето на оваа значајно голема количина вакцини, а очекуваме уште стотина илјади на 15 мај, повторно од производителот „Синофарм“ и количината од 500 илјади вакцини од производителот „Синовак“ до крајот на мај, значи една значајно голема количина, која ќе се дистрибуира по овие два канала што ги спомнав, решивме да се стави приоритет на тие што се пријавиле и затоа се направи пресек на 30 април“, изјава Венко Филипче министерот за здравство за Радио Слободна Европа.

Посочи дека се става приоритет на тие кои покажале интерес за вакцинација и затоа апелира граѓаните да се пријават на сајтот и да ги има во системот „Мој термин“ за да може понатаму да се креираат тие приоритети.

Министерството за здравство информира дека заклучно со завчера вакцинирани биле вкупно 107.978 граѓани, а на веб-платформата „vakcinacija.mk“ се пријавиле 279.909 лица.

Нагласуваат дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.

„Во државата вкупно се аплицирани 130.878 дози вакцини, а ревакцинирани се 22.900 граѓани. Со последните бројки околу 30 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина“, соопштија вчера од Министерството за здравство.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.026, бројката на оздравени пациенти е 137.962, на починати е 5.093, а бројот на активни случаи изнесува 10.971.

Слични содржини