Се зголемува опасноста од нов корона бран во Тетово

од Берта Китинска
130 прегледи

„До 30-ти месецов ќе имаме 35.000 лица со две примени вакцини на нашиот пункт во градот“, информира денеска градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Според неа, се зголемува опасноста од нов корона бран и делта сојот во градот.

„Имаме поголема група на луѓе кои претстојуваат во Тетово кои се дојдени од странските земји, а втора работа е што поголема група граѓани исто така сакаат да одат на одмор и затоа се тестираат, инаку не одат по сопствена желба да се проверат. Од состанокот со Клиничкиот центар во градот, информираа дека во моментов немаат пациенти со тешка клиничка слика“, изјави Арифи за моменталната состојба во Тетово.

Во моментов најголем број активни случаи има во Скопје и Тетово.

Министерот за здравство, Венко Филипче  рече дека сериозно размислуваат за евентуални рестриктивни мерки за настани на кои има масовни присуства без разлика дали се на отворено или затворено, и како што рече присуство на такви настани би било овозможено само со сертификат за вакцина против корона вирусот.

-Гледајќи дека нема повеќе интерес за вакцинација преку електронскиот систем, овозможивме вакцинација и без закажување термини. До крајот на јули ќе има околу 500.000 граѓани кои ќе бидат вакцинирани со една доза, и уште толку ревакцинирани, но апсолутно сметам дека тоа не е доволно, посебно со појавата на новите соеви. Ги користиме сите механизми за да го зголемиме интересот, здравствените работници вложуваат огромна енергија. Мора граѓаните да сфатат дека вакцинацијата е единствениот излез. Дозволете да констатирам, веќе размислуваме и за други алетрантивнио решенија од есен. На пример да се присуствува на настан со масовно присуство, дали на отворено, дали во затворено, дали во кино, дали културен настан, дали други објекти, само со таков сертификат за вакцинација, истакна министерот Филипче.