Богатството на Себастијан Пињера и неговото ветување „да го направи Чиле повторно голема држава“ ги предизвика некои аналитичари да го наречат „Доналд Трамп на Латинска Америка“.
Иако 68-годишниот бизнисмен милијардер, кој беше избран во неделата за претседател, вети намалување на државните расходи, не се очекува тој целосно да ја измени политиката за зголемување на поддршката на сиромашните пензионери и студентите, која ја започна досегашната претседателка од левицата Мишел Бачелет.
На Пињера можеби не му се допаѓаат споредбите со претседателот на САД. Самиот тој на Твитер го спореди Трамп со Паторот Пајо (Доналд Дак).
Пињера е син на поранешен чилеански постојан претставник во ОН, студирал инженерска економија во Чиле и економија на Харвард. Предава економија во неколку универзитети во Чиле и создал бизнис империја, која опфаќа авиокомпании, телевизиски канал и фудбалски клуб.
Списанието „Форбс“ го проценува богатството на Пињера на 2,4 милијарди долари, што го прави еден од најбогатите луѓе во земјата.
Од 1990 до 1998 година тој беше сенатор, а во 2010 година победи на избори и стана првиот конзервативен претседател на Чиле по завршувањето на диктатурата на Аугусто Пиноче во 1990 година. За време на неговиот четиригодишен мандат земјата бележи просечен економски раст од над пет отсто. Тој е критикуван поради наводен конфликт на интереси меѓу бизнисот и политиката и се уште се води истрага дали неговата предизборна кампања во 2009 година била незаконски финансирана.
Пињера доби пофалби за успешното спасување на 33 рудари, кои беа блокирани под земја во 2010 година, но неговиот рејтинг се намали по масовните студентски протести.
Тој се обидува да ги намали критиките, воведувајќи некои социјални мерки, слични на оние кои беа преземени од Бачелет, како на пример шестмесечено породилно отсуство и бесплатно здравствено осигурување за пензионерите со ниски доходи.
Обвинувајќи ја Бачелет за намалениот економски раст, од 6,1 процент во 2011 година до 1,6 отсто минатата година, Пињера во својата нова кампања се осврна на ветувањето да ја заживее економијата и да ги намали корпоративните даноци, со цел да се привлечат инвестиции.
По неочекувано слабиот резултат во првиот круг од претседателските избори на 18 ноември, тој се обиде да се претстави како „центристички“ кандидат и освои убедлива победа во вториот круг против претставникот на левицата Алехандро Гилиер./ДПА