Досегашниот тренер на македонскиот Шкупи, Гоце Седлоски го напушти кормилото на тимот. Ова следува после денешниот натпревар на тимот од Чаир против прилепска Победа, кој заврши 1-1.
Оставката на Седлоски беше најавена веднаш по натпреварот, а вечерва тренерот се заблагодари на сите и му посака многу успех на Шкупи во иднина.
-Нашиот клуб најавува дека ја прифати оставката од главниот тренер Гоце Седлоски. Му благодариме за придонесот што после 21 година успеавме повторно да бидеме шампион и му посакуваме среќа во следните предизвици, се вели во соопштението на Шкупи на социјалните мрежи.
Гоце Седлоски го водеше Шкупи на 54 натпревари, од април 2021 година досега. Запиша 29 победи, 14 ремија и 11 порази, освојувајќи 100 поени, со просек од 1,89 освоени бода. Под негово водство, тимот постигна 85 погодоци, а прими 42, но најважно беше што ја донесе шампионската титула во Чаир.