Уставниот суд денеска одржа маратонска седница со дневен ред на која се предвидени три иницијативи за оценување на уставност и законитост, еден предмет за решавање на судир на надлежност и уште осум предмети кои беа одложени на последната 40. седница поради немање на мнозинство за изгласување на дневниот ред.
На дневен ред на седница беше иницијативата со која е оспорен член 218 став 1 и 2 од Законот за извршување. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот член се нарушува владеењето на правото и субјектите на пазарот се донесени во нерамноправна положба овозможувајќи на државните органи и покрај правосилна и извршна исправа или друг акт да постапува од позиција на моќ со употреба на оспорениот член да не ги плати обврските кои надлежен суд ги утврдил.
Судиите се задржаа на предметот за кој се одложи 40. седница минатата недела, кога судијата Осман Кадриу побара да се повлече предметот за укинување на член од Законот за данок на имот, кој предвидува секој кој има имот, а не го користи да плати три пати поголем данок. Денешната дискусија во голем дел покрај самиот Закон се сведе на оценување на рефератот, анализа на сопствените мислења, кој што кажал и на кој начин го кажал тоа и се претвори во форум за препукување и критика на искажано мислење.
Дело од судиите поддржуваа да се укине членот кој наметнува обврска да се плаќа три пати повеќе данок за имот што не се користи, додека пак, друг дел од судиите сметаа дека ако се укине на штета ќе се општините, затоа што се финансираат преку даноци, а тука влегуваат и фирми, не само физички лица.
Иницијативата за оваа законска одредба, што денеска помина на седница и мнозинството судии одлучија да се поведе постапка, веќе била пред Уставниот суд, но од друг подносител и се уште стои нерешена.
Претседателката Добрила Кацарска, го обвини тимот што го сработел предметот дека овој реферат е препишан со цели пасуси од друг предмет, кој заглави на седница и не доби мнозинство гласови.
-Да се користи нешто од претходно составен реферат, да, но треба со сопствени зборови да се прераскаже. Имате на страна 4 и страна 3 што е препишано, од страна 6 на страна 8, што е препишано. Во делот на наводи од иницијативата се наведува дека одредбата е спротивна на член 9 од уставот, дека граѓаните кои плаќале повеќе биле неедкакви. Но, таков аргумент во рефератот нема, рече Кацарска.
Таа дополни дека се дава констатација дека нормата е нејасна и непрецизна, а во правната анализа се дава заклучок за оспорените делови кој е изведен од тоа што имало „отсуство на јасно утврдени критериуми на тоа законско решение и начинот на користење на истото“.
-Надвор од секоја правна логика и јас сметам дека секој правник треба да биде и логичар. Дали има една норма или нејзин одреден дел е јасен прецизен се оценува преку толкување што значи зборот „користење“ и е многу јасно. Не само што не се во понеповолна положба овие граѓани, туку се во поволна, затоа што ако имаат повеќе станови, а не ги користат треба да имаат обврска да платат и тука останатите граѓани кои живеат во еден стан се всушност во понеповолна положба, односно зошто да плаќаат исто данок како некој што има 5 стана. И друг аспект, не заборавајте дека ние ќе удриме по општините ако ја укинеме оваа одредба, еден извор на финансирање се токму даноците, рече Кацарска.
Судиите дискутираа и по иницијативата со која е оспорен: делот „правни“ од член 5 став 2 од Законот за Народна банка и делот „поништен“ од член 5 став 3 од Законот за Народна банка. Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба е премногу општа, нејасна и не е прецизна и во таа насока води кон арбитрерност во толкувањето со што би можела да ја наруши правната сигурност на правните и физичките лица.
На денешната седница се најде и оспорениот Правилник за систематизација на работните места во ЈЗУ Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија Скопје. Подносителот на иницијативата тврди дека оспорениот Правилник со кој се уредува избор на раководител е во спротивност со Законот за здравствена заштита бидејќи таму условите се различни и нема формулација дека раководителот на одделот мора да биде доктор на науки, избран со научно-образовно звање редовен професор, вонреден професор, доцент или научен соработник.
Уставните судии дискутираа и по предмет за решавање на судир на надлежност. Предлагачот Стојан Димовски има поднесено барање за огласување на ништовни две Решенија за трансформација донесени од Министерството за транспорт и врски кои се наоѓаат во поранешна фабрика Алумина АД и Пластика АД со површина од 11 089 квадратни метри, а со кои решенија се трансформира правото на користење во право на сопственост на правните субјекти Алумина АД и Пластика АД. Како основ за поднесеното барање за ништовност на решенијата е право на поднесено барање за денационализација. По извршениот увид Општина Карпош го доставува предлог- барањето до Министерството за транспорт и врски, кое според наводите се прогласува за ненадлежно. Барањето е поднесено и до Владата која информира дека нема правна основа да постапува по истото, односно да го реши судирот на надлежност за постапување помеѓу Општина Карпош и Министерството за транспорт и врски.