Седниците на Влада не наликуваат на дебатни емисии, порача Ковачевски

од Nikola Popovski
198 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски порача дека односите во владината коалиција се одлични. Според него, седниците на Влада не наликуваат на дебатни емисии во телевизии, каде што изјавите се даваат и политичарите ги даваат во служба на партиите.

-Кога се работи во Влада, дискусиите се сосема насочени кон темите кои се обработуваат на седниците на Влада, одговори денеска Ковачевски на отворањето на новиот објект за форензички испитувања на Министерството за внатрешни работи, запрашан за „препукувањата“ меѓу ДУИ и Алијанса за Албанците.

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу смета дека ДУИ треба да се „апдејтираат“ и да одат во опозиција. Тој рече дека не е здраво за граѓаните на една земја една политичка партија да биде на власт над 20 години. Неговиот партиски лидер, Арбен Таравари беше малку поостар. Во интервју за Еуроњус, тој ДУИ ја нарече „рак на општеството“.

Од друга страна, министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи тврди дека коалицијата со АА функционира професионално и покрај сè почестите повици и јавно изнесени ставови од другата партија. Османи уверува дека комуникацијата меѓу коалициските партнери не е нарушена.

„Во Влада немаме никакви разлики, најсоодветно комуницираме соработуваме сите министри дали Алијанса, дали ДУИ, дали СДСМ, така да апсолутно немам приметено никаква разлика во ставови или забелешки по однос на било кој од работењето на коалициските партнери и мислам дека тоа е важно, останатото нема да го коментирам, порача членот на ДУИ.

Слични содржини