Седница на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, потврда на одлуките од ИК на партијата

од desk2
123 прегледи

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи седница, на која се очекува да бидат потврдени одлуките од вчерашниот состанок на Извршниот комитет на најголемата опозициска партија.

Централниот комитет е највисокиот одлучувачки орган на партијата помеѓу два конгреса, а седницата треба да почне околу 7:30.

ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот состанок на ИК постави три барања – техничка влада со мандат од 100 дена според Пржинскиот модел, нов јавен обвинител и анкетна собраниска комисија за референдумот.

На состанокот беше истакнато дека партијата не го признава резултатот од референдумот, а договорот од Преспа го смета за политички мртов и празно слово на хартија.

Како што веќе објави МИА, од функцијата заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ синоќа беше разрешен Петар Богоески, кој е дел од  иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

– ВМРО-ДПМНЕ се движи во апсолутно погрешен правец, во бездна, актуелното раководство е поврзано со структури во земјата кои ги контролира Русија, истакна Богоевски вечерва во интервју за 24 Вести.

Богоевски беше отстранет поради непрофесионално работење, но тој вели дека е разрешен поради непомирливоста на двата концепта – неговиот за демократизација, модернизација и европеизација и другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО ДПМНЕ. 

– Мојот концепт е Западот, прозадната ориентација. ВМРО-ДПМНЕ фати погрешен концепт, кон Истокот, мора да најдеме начин да ја смириме топката и да фатиме правец, рече тој вечерва.

Вели дека влијанието на поранешниот лидер Никола Груевски е се уште присутно во партијата.

– Духот на Груевски, да не ме разберете погрешно тој е жив и здрав се уште присутен во ВМРО-ДПМНЕ, рече Богоевски и додаде дека ретко ја посетува „Белата палата“, токму поради присуството на таквите емоции.

Тој истакна дека од партиските функции можно е да бидат разрешени и Митко Јанчев, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците кои гласаа на референдумот, Драган Данев, Даниела Рангелова, како и членот на ИК Костадин Богданов.

Слични содржини