Седум села во Сарај ќе добијат подобрено водоснабдување преку проект финансиран од Град Скопје

од Vladimir Zorba
322 прегледи

Во седум населени места во Општина Сарај ќе биде подобрено водоснабдувањето преку проект финансиран од Град Скопје. Станува збор за проектот „Подобрување на водоснабдувањето за населените места Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ, Ласкарце, Чајлане и Семениште“ кој беше промовиран денеска во село Рашче.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на настанот истакна дека овој водовод ќе биде проширен за уште две населени места.

– Овој водовод сега кој што го работиме е за седум населени места, дополнително ќе има проширување на водовод за уште две населени места. Опфатот е отприлика околу над 11.000 жители на општина Сарај и околу три илјади домаќинства, семејства кои што ќе имаат подобро водоснабдување, рече таа.

Како идни проекти предвидени за реализација ги најави изградба на патот кон Матка, реконструкција и нова водоводна мрежа на Горна Матка и на патот кон Горна Матка.

– И едно ново барање од жителите на Сарај, а тоа е за нов мега парк којшто ќе опфати три населени места, а кој што ќе биде централно поставен во Копаница од над 30.000 метри квадратни, дополни таа.

Градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, истакна дека ова е важен проект бидејќи се работи за, како што рече, основно нешто, односно за вода за пиење.

– На првата работна средба со градоначалничката Арсовска за даноците и за други работи, таа ја отвори темата за резервоарите. Имајќи ги предвид поранешните искуства, ѝ кажав дека е скап и тешко изводлив проект. Ми рече „не прашав колку е скап, потребен е за граѓаните“ и од таму почна да се реализира овој проект, рече тој.

Градоначалникот дополни дека резервоарите ќе имаат капацитет за 24 часа вода за населените места Рашче, Копаница, Бојане, Ласкарци , Буковиќ, а општината Сарај веќе изготвува проекти за Чајлане и Семениште, кои што ќе имаат можност да се приклучат, имајќи предвид дека капацитетот на резервоарот има капацитети да можат и тие од изворот Рашче да консумираат вода во нивните домови и семејства.

Слични содржини