За да може нашето тело да функционира правилно, му требаат и доволни количини на минералот цинк. Дознајте која храна го содржи најмногу и кои се знаците дека на телото му недостасува.
Минералот цинк е еден од петте најважни минерали за човечкото тело, заедно со железо, калциум, магнезиум и калиум. Цинкот има неколку важни улоги во телото, вклучително и придонесување за когнитивните способности и меморијата и помагање на телото да го произведе важниот тироиден хормон Т3. Исто така, цинкот придонесува за подобро функционирање на имунолошкиот систем, делба на клетките, побрзо зараснување на раните и регенерација на ткивата, општ раст и развој на човекот, поради што е важно трудниците да консумираат доволни количини од овој вреден минерал.
Со цел да внесувате доволно од сите хранливи материи во вашето тело, правило број еден е да консумирате различни видови темнозелен лиснат зеленчук колку што е можно почесто. Различни видови зрна се исто така богати со минерали, а и јајцата и алгите се одлични извори. Дополнителни количини на цинк може да се добијат и преку додатоци во исхраната.
Иако на организмот не му требаат големи количини цинк, може да се случи тој да му недостига на организмот. Човечкиот организам нема способност да складира резерви на цинк, што значи дека е важно редовно да се консумираат доволни количини преку храната.
Недостатокот на цинк може да се манифестира во форма на:
1. Акни, егзема, сува ронлива кожа, алопеција
2. Неспецифична орална улцерација или бел слој на површината на јазикот
3. Респираторни и гастроинтестинални проблеми
4. Губење на апетит
5. Летаргија
6. Опаѓање на косата
7. Бавно зараснување на раните
Со оглед на тоа дека цинкот добиен од месото многу поефикасно се апсорбира од телото, на вегетаријанците им се препорачува да консумираат поголеми количини мешунки, соја, грав, јаткасти плодови и прехранбени производи од цели зрна.
Десет намирници кои содржат најголеми количини на цинк:
Месо (особено црвено, но сепак треба да се јаде умерено)
Школки (остриги, ракови)
Мешунки (наут, леќа, грав)
Семиња (лен, тиква)
Јаткасти плодови (кикиритки, индиски ореви и бадеми)
Млечни производи (сирење, млеко)
Јајца
Интегрални житарки
Некои видови зеленчук (компир, грашок, кељ)
Темно чоколадо