Седумдесетгодишник со хебла и пиштол се обидел да ограби канцеларија за кредити во Битола

од Milan1
20 прегледи

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Разбојништво и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Осомничениот 72-годишник, на 15 јануари, влегол маскиран во канцеларија за кредитирање на улицата „Прилепска” во Битола и со употреба на сила се обидел да одземе парични средства со намера противправно да ги присвои. Со хебла во едната рака и огнено оружје – пиштол во другата, тој се заканил на вработената и побарал од неа да ги стави парите во торбичка што и ја подал.

Таа одбила по што ја удрил неколку пати со хеблата по раката и телото. Оштетената избегала надвор од објектот, по што и осомничениот го напуштил местото, велат од Обвинителството.

Разбојништвото се обидел да го изврши со пиштол марка „Црвена застава“ што го држел неовластено.

При претрес во домот каде престојувал било пронајдено оружјето и осум куршуми.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Слични содржини