Откако на крајот на 2019 година се појави во кинескиот град Вухан, коронавирусот зарази 20,8 милиони луѓе ширум светот, од кои 750.000 починаа.
Кога се појави САРС-Ков-2, експертите дадоа многу препораки засновани на сознанијата за слични респираторни вируси.
Но, новиот коронавирус „ги изненади сите со своето неочекувано однесување“, и научниците собраа многу сознанија за истиот.
Секој може да се зарази
Првите жртви на пандемијата главно беа постари лица или лица со нарушено здравје. Возраста и хроничните заболувања и понатаму се фактори кои го зголемуваат ризикот од компликации и смрт.
Но, сега знаеме дека и младите и здравите луѓе можат да починат од короната. Секој може да биде заразен, дури и бебиња во стомакот. Клучното прашање е како нечие тело реагира на вирусот.
Одговорот на ова се чини дека е комплексна интеракција помеѓу вирусот и поединецот што зависи од количината на внесени честички на коронавирусот, но и од возраста на лицето и општата здравствена состојба.
„Има многу млади кои се заразуваат. Тие се разболуваат. Се чувствуваат лошо со недели“, предупредува д-р. Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и заразни болести (НИАИД).
Ковид-19 може да се појави насекаде
Првите случаи на коронавирусот беа поврзани со големиот пазар на Хуанан во Вухан, каде, меѓу другото, разни диви животни биле чувани во кафези.
Меѓу првите жаришта на коронавирусот беа крузерите, како Diamond Princess кој се наоѓаше во јапонското пристаниште Јокохама. Кога болеста се појави во Италија, жариштата станаа болници и домови за стари лица. Во Јужна Кореја и Иран, од друга страна, инфекцијата прво започна да се шири за време на верските церемонии.
Затоа, епидемиолозите предупредуваат дека ниту една земја или култура не е имуна на овој вирус, чие ширење се интензивира на места каде се собираат голем број на луѓе кои се во близок контакт.
Вирусот најмногу се шири преку капки
Најголемиот дел на зарази со коронавирус започнуваат со близок меѓучовечки контакт. Вирусот САРС-КоВ-2 претежно се шири преку капки распрснати во воздухот додека заразено лице кашла или кива, пее или разговара.
Во најголем дел овие капки (поголеми од 10 микрометри) паѓаат на земја на растојание до два метра од заразеното лице. Но неодамнешните истражувања укажуваат на можност за ширење по пат на мали респираторни честички (помали од пет микрометри) кои заразено лице ги исфрла од устата кога дише или зборува. Овие лесни честички се исушат во воздухот, така што вирусот останува во воздухот во аеросолизирана форма долго време. Некој потоа може да ги вдише, тие ситни честички како чад од цигари.
Во големи, добро проветрени простории или на отворено, циркулацијата на воздухот ќе ги „разреди“ овие честички, во голема мера намалувајќи го секој ризик. Но, тоа се менува во помали затворени простори, како ресторани, канцеларии, продавници, автомобили, јавен превоз…
Денес, исто така знаеме дека контеминираните површини не се главната опасност за ширење на инфекцијата. Но, површините сè уште треба да се дезинфицираат и мијат често.
Маските се ефикасни
Кога избувна пандемија во целиот свет на почетокот на оваа година, експертите беа загрижени дека масовното купување маски може да го влоши недостатокот на заштитна опрема за здравствените и другите работници на првите линии на борбата со коронавирусот.
Во меѓувреме, објавени се многу студии кои зборуваат во прилог на носење маски, па Светската здравствена организација (СЗО) ги повика владите на почетокот на јули да ги охрабрат луѓето да ги носат.
Коронавирусот го шират и лицата без симптоми
Проверка на температурата на болните лица и останувањето дома може да го запре ширењето на симптоматски случаи на болеста. Но, најголемиот предизвик за стопирање на ширењето на Ковид-19 е фактот дека многу луѓе несвесно ја шират болеста затоа што немаат никакви симптоми или сè уште не се манифестираат. Се смета дека заразено лице може да го шири коронавирусот два до три дена пред да се појават првите симптоми.
Посебен проблем се асимптоматските случаи, т.е. луѓето кои се заразени со коронавирусот, а воопшто не покажуваат симптоми. Ова е исто така клучна причина зошто е толку важно да се носи маска во јавниот превоз или продавниците.
„Истражувањата покажуваат дека 25 до 45 проценти од заразените луѓе веројатно немаат никакви симптоми“, рече Ентони Фаучи.
Ковид-19 не е сезонска болест
Респираторните вируси досега покажаа тенденција да се манифестираат во различни сезонски периоди. Имено, грипот е сезонска респираторна болест која својот врв го достигнува во зима, па многу експерти се надеваа дека ширењето на „Ковид-19“ ќе покаже сличен образец и ќе биде забавено на северната хемисфера во текот на пролетта и летото.
Но, тоа не се случи. Сега знаеме дека топлото време не го запира вирусот и дека, без оглед на сезоната, неговото ширење во голема мерка зависи од човековото однесување, односно од почитувањето на мерките за хигиена и социјална оддалеченост.
„Нема индикации дека коронавирусот е сезонски. Ако го задржите притисокот врз него, се намалува бројот на заразени лица. Доколку го намалите притисокот, расте бројот на заразени лица“, рече Мајк Рајн, извршен директор на програмата за итни случаи на Светската здравствена организација (СЗО).
Дезинформациите убиваат
Според една студија, околу 5.800 луѓе ширум светот биле хоспитализирани затоа што верувале во лажни информации на социјалните мрежи. Уште полошо, најмалку 800 луѓе починаа поради дезинформации за коронавирусот.
Многумина починале откако пиеле метанол или средства за чистење на база на алкохол, погрешно верувајќи дека овие производи штитат или лечат од вирусот.
Други консумирале урина од крави.
СЗО предупреди дека епидемијата на лажни вести или „инфодимијата“ поврзана со Ковид-19 се шири толку брзо како и самиот вирус, а теориите на заговор, гласините и стигматизацијата во околината на пациентите придонеле за смрт и повреди на лица.