СЕФ: Владите треба да работат за да се усвои законодавство со кое граѓаните од ЗБ ќе предничат на фронтот во енергетската транзиција

од Vladimir Zorba
226 прегледи

Вториот Социо-еколошки форум кој се одржа денеска во Скопје преку многубројните панел дискусии овозможи аргументирана дебата во која учествуваа младински лидери, активисти, новинари, претставници на граѓанскиот сектор, високи гости од регионот и од Европа, како и експерти од областа на енергетските политики.

Клучните прашања кои ги наметна темата за енергетски самоодржлив Западен Балкан, беа разгледани од повеќе аспекти во кои учество земаа релевантни претставници од регионот и Европа. На панелот „На демократијата и’ требаат демократи, а на енергетиката – демократизација” експерти од Северна Македонија, Хрватска, Словенија, Германија и Шведска презентираа регионални студии и анализи и заеднички беше испратена пораката до носителите на одлуки дека граѓаните мора да бидат во срцето на енергетската транзиција.

На овој панел се обрати и Заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските сектори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој нагласи дека периодов, повеќе од кога било, Европа и Западниот Балкан се соочуваат со историски предизвик за обезбедување на еластично снабдување со енергија и одржлива економија и воспоставување релевантна климатска политика. Ова може да се случи само ако членките и земјите аспиранти работат заедно – поврзувајќи се преку размена на знаење и иновации.

„И покрај тешките околности на оваа енергетска криза, Европа е на траекторија да го демократизира производството и користењето енергија, а овој тренд е нешто што и’ треба на Северна Македонија и јас целосно го поддржувам, бидејќи праведната транзиција е совесен избор за секоја Влада.”

Беше истакнато дека европските граѓани веќе играат активна улога во енергетските системи, на различни нивоа и се организираат во национални енергетски здруженија, особено преку Европската федерација REScoop. И бидејќи Европскиот парламент неодамна ја одобри новата Директива за обновливите извори на енергија која им обезбедува на поединечните граѓани и заедници еднакви услови за учество и корист од енергетската транзиција. Тоа ќе им овозможи на околу 45% од сите домаќинства во ЕУ да ја произведуваат својата обновлива енергија до 2050 година.

Овие проекти носат најмалку осум пати поголема вредност кога се во локална сопственост на граѓани или граѓански здруженија наместо далечни производители на енергија.

„Додека овие енергетски здруженија и локални заедници се добро препознатливи во Западна Европа, ситуацијата во Источна Европа и Западен Балкан е поинаква – ние значително заостануваме. Ние во Северна Македонија и Западен Балкан треба да работиме проактивно за да развиеме и усвоиме законодавство со што нашите граѓани ќе предничат на фронтот во енергетската транзиција. И ние работиме на тоа!” – рече Битиќи.

За технички решенија кои би овозможиле промена на локално ниво на тркалезна маса дебатираа градоначалници и носители на одлуки на локално ниво од регионот, кои што ги споделија искуствата во справувањето со енергетските предизвици и градење партнерства за енергетски независни општини во регионот и пошироко. За време на оваа дискусија чија цел е да се овозможи зајакнување на соработката помеѓу општините од различни земји, како би се постигнала праведна транзиција кон обновлива енергија, а истовремено и изнаоѓање решенија за справување со енергетската криза, беше истакнато дека моќта на прогресивните политичари и на локално ниво е огромна.

Работата заедно со граѓаните и меѓу себе им овозможува да ги поврзат постоечките технички решенија со правилните политики, да разменат искуства и да направат позитивна промена на локално ниво. Во енергетската транзиција кон обновливи извори, не смееме да заборавиме дека политичката волја е исто така обновлива енергија и е клучна за олеснување на трансформацијата на општеството кон подобро, за сите граѓани – е заклучокот од овој панел. 

Еминентни експертки и носителки на одлуки на панелот за жените и нивното значење за енергетските политики го отворија прашањето за родовата перспектива на општествено-праведната енергетска трансформација. Беше подвлечено дека во енергетската трансформација мора да бидат вклучени жените. Ни треба системска промена која нема да биде хипотетичка, туку која ќе даде глас и шанса на оние коишто се оставени на настрана, вклучувајќи и жени коишто имаат знаење, искуство и амбиција да водат напред – истакнаа говорничките. Тие потенцираа дека е потребно поголемо вклучување на жените во општеството и дека има повеќе негативни ефекти од климатската криза врз жените.

За квалитетни промени и енергетска трансформација предводена од младите беше одржана работилницата „Како ефективно да се комуницира климатската политика што значи генерирање вистинска промена или акција” која им овозможи на младите лидери да бидат дел од овој важен процес при креирањето на политики во областа на животната средина, зелената агенда, промовирањето на социјалната кохезија преку инвестиции во вработување, квалитетно и инклузивно образование.

„Добро е што младите се вклучени во сите важни процеси, не само за сегашноста, туку и за иднината, затоа што иднината е одговорност на нас младите генерации, кои треба постојано да ги потсетуваме постарите генерации за нивните обврски и одговорност, имајќи предвид дека тие се тука со нас, а товарот на иднината ни припаѓа на сите нас, особено што генерациите пред нас учествуваа во создавањето на овој свет. Ние како млади лидери мораме да ја искористиме секоја прилика што ја имаме за да укажеме на лошите одлуки донесени од светските лидери “– порача Марко Михаилоски, претседател на Социјалдемократската младина на Македонија.

Тој се осврна на социјалдемократските вредности сметајќи дека се клучни и дека истрајноста, сплотеноста и солидарноста треба да се основен мотив на младите лидери на денешницата.

„Економската енергетска криза е новата реалност на европско тло. Солидарноста како темел на европското обединување ја направи ЕУ една од најмоќните политички организации во светот. Несомнено, солидарноста и сега ќе биде клучна за решавање на оваа енергетска криза. Многу е важно да се обединиме дома и да си подадеме рака еден на друг. Да заборавиме на поделбите и блокадите, граѓаните мора да излезат како победници во оваа светска енергетска криза и мора свесно да ги амортизираме негативните ефекти од кризата” – истакна Михаилоски, претставник на младите на Социо-еколошкиот форум кој денеска, по втор пат се одржа во Скопје.

Слични содржини