Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека не сака да ги коментира ставовите на СДСМ во последно време, иако за нив вели дека се стихијни, дифузни и немаат никакво значење. Според него, опозицијата со лажна перцепција сака да ѝ наштети на работата на Владата.
Според претседателот на Владата, државата сега им помага на соседните држави за разлика во претходните години кога владееше претходната владејачка гарнитура.
-Нивните изјави се полни со конструкција. Тие одбрале таква лажна стратегија, но ќе се повикам на познатата изрека на Наполеон која што вели: „Можеби не треба да му се помага на противникот кога греши“. Остануваме да бидеме фокусирани за приоритетот на граѓаните. Ние сме сериозна Влада. Ако на времето коленичевме во ковид-кризата за 5000 вакцини, ние денеска ги помагаме соседите во услови на криза – кога се потребни агрегати за генерирање на електрична енергија, кога ќе треба од зоната на воени дејствија, да пренесеме странски државјани односно државјани на нашите соседи, нашите ресурси се ставени на располагање на соседите и граѓаните за поевтина цена да полнат гориво…Сега гледаме поинаква Македонија од онаа која што беше ограбена и понижена во времето на Владата на СДСМ и ДУИ, рече денеска Мицкоски.
Опозициската СДСМ обвинува дека Владата профитира. Од партијата посочуваат и по падот на цената на нафтата на светските берзи, кај нас цените на горивата растат. Од другата страна, интегративците на Али Ахмети оценуваат дека состојбата со снабдувањето и цените на нафтените деривати го покажа целосниот неуспех на владата да управува и да ги ублажи последиците од кризата која беше најавувана со недели.